Планинарката Евгенија Здравевска за Алфа: 200 денари за да се качиме на врвот на Магаро на Галичица е грабеж и рекет!

Тргнавме да го искачуваме врвот Магаро на Галичица, ги плативме регуларните 50 денари за да паркираме возило и 30 денари по човек што ги плаќаме регуларно со години. Но тоа не беше се, раскажува за Алфа Евгенија Здравевска, која со години планинари низ Македонија. Останале вчудоневидени кога на патот кон врвот додека пешачеле, буквално од зад дрво им излегол човек кој им побарал уште 200 денари по човек за ако сакаат да продолжат  да се качуваат.   

  • Излезе со фискален апарат. Ние се безекнавме буквално. Не праша „кај планирате да одите“? На Магаро.  Зошто?  Епа двесте денари чини качувањето на Магаро. Се насмеавме мислевме се шегува… И вика „да да, накај Магаро е 200 денари, а ако одите на другава страна од паркот е друга цена“, вели Здравевска.

Кога почнале да негодуваат човекот им рекол дека е вработен тука за да ги наплатува овие пари. Ако не платат не можат ни да продолжат.

  • Никогаш  никаде не ни е наплатено за качување на врв. Точно е дека се плаќа за влез во национални паркови, меѓутоа тоа се симболични цени во однос на стандарот на таа држава во која што се качуваме. Е сега ние живееме во Македонија, за тебе да ти побара 200 денари која е горе-долу просечна дневница на еден вработен во државата, сметам дека е некоректно и сметам дека на некој начин е рекет, ќе бидам груба малку. Едноставно го сметам многу навредливо бидејќи националниот парк Пелистер, Галичица не смее да припаѓа никому- раскажува таа.

Според Здравевска ова е сериозен аларм.

  • Наместо стимул ние да се качуваме на планина во ова време кога 30% е зголемен  растотот на депресивни анксиозни нарушувања заради корона вирусот и сите овие ограничувања, а ние што направиме наплаќаме од тие луѓе, коишто треба да одат таму, затоа што планината за нас е и лек и дом, додава Здравевска.

 Алфа побара објаснување од Националниот парк Галичица, на која основа се наплаќаат 200 денари за кон Магаро? Во одговорот нема јасно и концизно објаснување туку огромен текст со оправдување дека ова бил еден од начините да се финансира одржувањето на паркот.

  • Посетата не ја наплаќаме заради искористување на ресурси, туку заради искористување на екосистемските услуги (во случајов прекрасните пределски вредности, високиот степен на биодиверзитет, природните карактеристики и места итн) во кои секој посетител ужива додека поминува преку Галичица или ја посетува– стои во соопштението од Управата на Нацинаоналниот парк „Галичица“.

 Ценовникот бил усвоен и од Владата.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста