План за ставање на МНР под целосна партиска контрола на СДСМ и ДУИ?!

Дали МНР тргна во предизборно прегрупирање на дипломатијата според партиски интереси? Извори во министерството за Алфа велат дека по именувањето нови амбасадори, при што има повеќе скандалозни решенија, во моментов се случува стратегиско престројување на дипломатски војници кои треба да го раководат секторот на надворешната политика во наредните неколку години. Со тоа, сегашните кадровски решенија би требало да ги држат дипломатските конци и во случај владата на Заев да биде поразена на изборите.

Извори од МНР велат дека наскоро со мандати во странство ќе бидат наградени и лица кои го пишувале новиот закон за надворешни работи.  Билјана Сековска, наводно требала да замине за Австралија. Таа како претседател на самостојниот  дипломатски синдикат повикувала да се гласа на референдумот за промена на името. Била дел и од Комисијата која ги избрка од работа дипломатите присутни на настаните од 27 април во Собранието. За Виена, пак, бил стокмен дипломатот–ветеран Освит Росоклија. Сегашниот амбасадор во Виена, Ненад Колев, ќе биде преместен во Москва. Со тоа Колев, не мора да се враќа во базата во Скопје, туку ќе замине директно за Москва на местото на Гоце Карајанов кој премина во кабинетот на претседателот Пендаровски. Претходно Алфа веќе објави и дека за амбасадор е номиниран оџата Џемаил Чупи, поранешен кандидат за градоначалник на Дебар, како и Мишо Докмановиќ кој спротивно на Законот за МНР има двојно државјанство.

Според истите извори, целата операција ќе биде завршена веднаш по брзото усвојување на законот за МНР со донесување на подзаконски акти како што се правилниците за систематизација на работните места и за внатрешна организација. На тој начин Димитров, односно коалицијата СДСМ-ДУИ целосно ќе ја стави под своја контрола македонската дипломатија.

Драган Милосављевиќ

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста