Писонеро: изјавата на Вархеји е можно сценарио

Европската Комисија потврди – доколку Македонија не ги испегла односите со Бугарија во игра е и одвојување од Албанија во евроинтегративниот пат. По лавината реакции кои ја предизвика изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, дека исклучувањето на земјава е можно сценарио потврди и портпаролката на Европската Комисија за проширување, Ана Писонеро. Сепак вели дека конечната одлука ќе носи Советот.

-Позицијата на Европската Комисија е многу јасна: сакаме да видиме Меѓувладини конференции со двете земји, двете ги исполнуваат условите за ова да се случи, но Советот треба да даде согласност за преговарачките рамки, таму се наоѓаме. Ако нема договор за Северна Македонија, тогаш оваа опција би можела да се разгледа, вели Писонеро.

Изјавата на Писонеро следува по бројните реакции на новинарите од Брисел, кои долги години ја следат ситуацијата со проширувањето. Од „Волстрит журнал“ повикувајќи се на официјални извори од ЕУ пишуваат дека изјавите на Вархеји не се официјален став на европската комисија.    И од политико’ добиле информација дека не се планира раздвојување на Албанија и Македонија. Можеби е обид за притисок врз  Македонија за да се договори со Бугарија? Но, мала е веројатноста кога на комесарот му противречат други официјални лица, а Бугарија сега нема ниту влада!, пишуваат од Политико.

Неделава, најпрво Германија, а потоа и Австрија, преку свои министри ја отфрлија можноста да се разделат  Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, поради бугарската блокада кон Скопје. Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, вели дека Германија ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да ги одржи првите пристапни меѓувладини конференции во јуни. Со неговиот став се согласува и словачкиот министер за надворешни работи, Иван Корчок.

Инаку Вархеји во нова изјава за Евроњус порача дека ако не постигнеме компромис со Бугарија за историските прашања, Албанија ќе продолжи сама на патот кон ЕУ . За само неколку дена ова е нов ладен туш од Брисел за Македонија .

– Доколку повторно ни се случат потешкотии со што значи дека би биле неуспешни во убедувањето на  Македонија и на Бугарија да изнајдат обострано прифатливо решение, тогаш ќе се отвори прашањето дали можеме да продолжиме само со Албанија. И ние мора да го разгледаме тоа прашање“, рече Вархеји алудирајќи на јунскиот самит на ЕУ. „разделувањето може да биде опција, вели тој.

Ваквата изјава на Вархеји и услов кои и се наметнува на Македонија ги изненади и амбасадорите од Здружението за надворешна и меѓународна политика на Македонија. За нив е за неверување дека ваквиот став на Врахеји е и став на Унијата.

Ивана Соколовиќ Најдова