„Пиши-бриши“ попис – атеистите преку ноќ пораснаа од 355 на 8764 лица, кој си игра „весела“ математика ?

Кој ги менува податоците од објавениот Попис во базата на Државна статистика? Од утрово бројот на атеисти од вкупното резидентно население од првичните 355 објавени на 30 март, пораснаа дури за дури 8409 лица повеќе.  Ако во печатената верзика која на денот на објавувањето на податоците од септемврискиот попис лично беше поделена од Државниот завод за статистика но и во елетронската верзија од истиит ден во графата не е верник или атеист стои бројката 355, денеска доколку отворите на страната на Статистика ќе го видите податокот од 8764 лица.

На социјалните мрежи веќе се дигна голема фама околу ваквото како што се нарекува штелување на на резултатите, па па граѓаните изразуваат голема доза на сомнеж околу веродостојноста на објавените податоци.

Директно побаравме одговор од првиот човек на Државна статистика Апостол Симовски за ваквата сотуација. Во телефонски разговор за Алфа вели дека разбрал за промената на податоците, но уверува оти најверојатно станувало збор за техничка грешка. Не упати да почекаме до понеделник оддека не провереле стручните служби.

-Знам дека во електронската база на податоци се појавиле различни бројки, но сепак не можам да дадам одговор во моментов. Треба да провериме за што станува збор, но според мене е некоја техничка грешка. Податоците не можат да се менуваат оти тоа се заклучени податоци, вели за Алфа Симовски.

Но не е само оваа графа спорна од она што беше првично објавено. И Комисијата за верски заедници реагира дека она што го сподели Статистика како резултати од пописот не даваат точна слика за религиската определеност на граѓаните. Иако во делот на православните христијани на терен не дошло до реално намалување на процентуалната застапеност, сепак стои нејасниот формален впечаток за верската карта поради посебната графа „Христијани“ и деноминациите.

Јас имам полно разбирање за реакциите на јавноста кои се во делот на религиската определеност. Ваквите резултати не ја покажуваат точната верска слика. Првиот дел е во категоријата на Христијани – религиска определеност, и вториот оној процент од 7.2 административно заведени, без детални информации, вели првиот човек на Комисијата за верски заедници Даријан Сотировски.

Сомневање во статистичката прецизност во резултатите од пописот стигна и од Македонската православна црква. За нив, резултатите се нерелевантни бидејќи постои сериозна статистички грешка која опфаќа 13,4 отсто од попишаното население во делот за религиозната припадност.

– Ова ги прави презентираните резултати конфузни, а со тоа и неточни, затоа што очигледно не ја одразуваат реалната состојба на верска припадност во земјата. Во оваа насока, пак, останува неодговорено прашањето зошто вероисповедта како опција не е дадена само кај една од религиите присутни во македонското општество, а очигледно е дека и таму постои варијантност?! -се вели во соопштението од Синодот на МПЦ.

По низата сериозни забелешки на скоро сите основи во пописот, сменетите податоци во електронската верзија, непризнавањето на резултатите од статистичката операција, Статистика треба да даде одговор зошто и покрај тврдењата дека со вкрстувањето на 12 бази на податоци нема простор за грешка се дозволени вакви работи или станува збор за нешто друго?

Ивана Соколовиќ Најдова

Advertisements