Петтиот пакет мерки в понеделник пред синдикатите, се чека нивна презентација

Петтиот пакет мерки влегува во завршна фаза, но никако да стигне до стопанството и граѓаните. Откако власта се сретна со стопанските комори, во понеделник седнува на иста маса и со синдикатите. Тие апелираат Владата да не се правда само со разговори, туку сето тоа да се преточи во дела. Синдикалецот Марјан Ристески очекува газдите да се вразумат, и откако ќе ја добијат државната помош за исплата на плати веднаш да им ја префрлат на работниците. 

На утрешната средна ќе се зборува и недела како неработен ден. Односно секој кој ќе работи во недела да добива за 50% повисока дневница и слободен ден. Колку тоа ќе стане реалност кај нас, останува да видиме.

Дека мерките доцнат, критикуваше и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Рече дека тие нема да бидат доволни за пристоен развој на економијата, и да не бил притисокот на опозицијата, немало да биде прифатена мерката за субвенционирање на плати.

Според бизнисмените, мерките мора да се насочени кон малите и средните компании зашто тие се најпогодени. Апелираат власта да побрза со носењето на државната помош, зашто кризата добива на динамика.

Покрај директната помош за плати, петтиот пакет ќе содржи уште неколку мерки за спас на фирмите. Целиот сет ќе тежи околу 50 милиони евра кои се додаваат на сумата од 1,1 милијарда, пари кои Владата ги даде за излез од кризата. Сепак, и покрај поддршката, газдите главно се незадоволни од висината на помошта зашто таа не била доволна, бидејќи досегашните четири пакети не ги дале посакуваните резултати.

Борис Грујоски