Петтиот пакет мерки кој стопанството и граѓаните со душа го чекаат, се уште е само во најава

Власта го крои петтиот пакет мерки за помош на граѓаните и стопанството, но колку тој и реално ќе помогне. Министерот за финансии е оптимист дека со него ќе се задоволат бизнис потребите, но ако се суди според реакциите на досегашните четири пакети, не ги дале посакуваните резултати.

Петтиот пакет мерки кој стопанството и граѓаните со душа го чекаат се уште е само во најава. Кризата се продлабочува, а од Владата нема ништо ново, освен досега кажаното дека се само во подготовка. Министерот за финанси не открти поконкретни детали, освен дека се обезбедени 50 милиони евра.  

  • Во првиот квартал ќе имаме и појасна слика за мерките. Од управата за јавни приходи со последните информации 13 илјади компании веќе аплицирале за декемвриската плата. Постојано сме во комуникација да најдеме и дизајнираме соодветни мерки да се реагира брзо во поддршка на економијата во текот на 2021 за да се остварат проекциите за 4,1 раст на нашата економија, под претпоставка дека Ковид кризата после вториот квартал и натаму состојбата да се нормализира, истакна Бесими.

Оптимизмот на Бесими не значи ништо наспроти песимизмот на бизнисмените, зашто досегашните четири пакети, не ги дале посакуваните резултати. Затоа предупредуваат дека сега навистина треба да се помогне.

Според бизнисмените, мерките мора да бидат насочени кон малите и средните компании бидејќи тие се најмногубројни во Македонија. За спас на бизнисите, од Стопанските комори, до Владата испорача повеќе барања. Ликвидноста на компаниите да биде во фокусот на петтиот пакет антикризни мерки.

Според последните податоци на АВРМ, над 17.000 луѓе останале без работа од почетокот на пандемијата до сега, а регистрирани се близу 50.000 невработени. Над 6.200 фирми ставиле клуч на врата минатата година. Ваквите бројки за бизнисот се загрижувачки, предупредуваат и економистите.

Ако земјава наскоро не добие вакцина и бројот на заразени продолжува да расте, стопанствениците не се сигурни дека владата ќе може и натаму да ги помага, а фирмите ќе тонат уште повеќе, а бројката на невработени ќе расте.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста