Петте струмички фирми доставиле неточни податоци за поврат на ДДВ

Се уште не се знае дали парите легнале на сметките на 5-те струмички фирми кои побаруваа 5,2 милиони евра поврат на ДДВ од државата за првите 4 месеци од годинава.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска вели дека некои од фирмите доставиле неточни податоци во пресметките. Тоа, според неа, не било чудно, бидејќи често се случувало, па потоа следела доплата или корекција.

Таа тврди дека била извршена контрола, бил направен наод и сумите биле корегирани. Сепак, деловна тајна било колкав поврат на данок накрај ќе добијат компаниите. Лукаревска вели дека државата има механизми како да се заштити во вакви случаи.

Случајот го обелодени опозицијата, посочувајќи дека е во најмала рака чудно, што 5 компании во време на пандемија и намалена работа, по овој основ побаруваат толку голема сума.

Се работи за фирмите „Џокс Премиум“, „Нетком Плус“, „Сакаов Транс“, „Арена Метал“ и „Винас Текстил“, сите од Струмица. Алфа беше на терен да ги најде компаниите.

На пријавената адреса функционира единствено Џокс Премиум, чиј сопственик најави дека ќе ги презентира бројките пред јавноста. „Нетком Плус„ и „Сакаов Транс“ се водат на иста адреса, но преместени се во станбен комплекс во изградба. На адресите на „Арена Метал“ и „Винас Текстил“ живеат физички лица.

4 компании тргуваат на големо со текстил, а една се занимава со транспорт. Според информациите од УЈП, една компанија е регистрирана во 2018-та, две во 2014-та, а најдолго работат две фирми регистрирани во 2013-та година.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста