Петков: Нема отстапка во позицијата на Бугарија кон Македонија

Уште еден студен  туш и уште едно вето во најава, по претседателот Радев, овој пат, од премиерот Петков. Новата бугарска влада не ги менува позициите како што се надеваа македонските политичари  – и натаму остануваат добро познатите барања, но надградени со дополнителни работни групи, за што премиерот Кирил Петков даде рок од шест месеци. Според него, проблемите не може да се скријат под тепих.

Она што јас многу јасно го дадов како мандат во следните чекори со Македонија е дека ќе ја надградиме бугарската позиција со дополнителни работни групи за економија, инфраструктура, култура, мерки и политики за влез и помош. Капацитетот на С. Македонија – како да успеат да го направат чекорот кон влез во ЕУ. Треба да обрнеме внимание на реториката на нашите разговори, што да добиеме од добрососедството, отколку само да зборуваме за проблеми, да, проблемите се тука, проблемите не можеме да ги скриеме под тепих, да, треба да се решат, но многу полесно се решаваат проблемите кога добро знаеме која е цената на едно добрососедство – изјави Петков.

Дека во скоро време спорот со Бугарија нема да се реши, дециден е и шефот на државата Румен Радев. Во Договорот за добрососедство имало заостанување по сите точки.

– Пред четири години верувавме дека договорот ќе ги реши проблемите во билатералните односи, на ист начин како што тоа го правеше Договорот од Преспа, но денеска има заостанување по сите точки од него. Расте говорот на омраза против Бугарија, нема политичка волја за отстранување навредливи текстови во учебниците, нема политичка волја да се запре фалсификувањето и уништувањето на бугарското културно и историско наследство во овој дел од светот – вели Радев.

Додека Бугарија повторува дека нема да отстапи од црвените линии, политичарите во Македонија негуваат надежи. Првиот вицепрмеиер Артан Хруби истакна дека спорот со Бугарија може да се реши за шест дена, и не бил разочаран што Македонија ниту на овој Самит не доби датум за почеток на преговорите со Европската унија. Претходно, шефот на дипломатијата Османи, и се уште актуелниот премиер Зоран Заев објавија дека биле испорачани одговори до Бугарија за надминување на недоразбирањата, без да конкретизираат на што се согласила Македонија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста