Петков: историската комисија постигна договор за неколку историски личности, оптимист сум за брзо решение

Македонија и Бугарија имаат договор за дел од спорните историски личности. Бугарскиот премиер Кирил Петков открива дека Историската Комисија постигнала договор за дел од историските личности кои до пред извесно време биле тешки за решавање. За кои македонски историски личности е договорено да станат бугарски засега не се открива, сепак Петков е категоричен дека се што било зацртано од агендата со Ковачевски ќе биде решено.

-Нема да навлегувам во детали за Комисијата за историја, но ме извести за некои важни историски личности и нивниот третман. Ќе ви дадам детали, дојдовме до напредок по тие прашања на многу конструктивен и реалистичен начин кој што ни отвора можност за забрзаување на нашите преговори.  Некои работи што беа тешки за надминување сега изгледаат како да имаат реални можности за надминување. Мислам дека мојот одговор ќе ви ги покаже намерите за да постигнеме резултати што побрзо. Оптимистичен сум за целиот процес, оптимистичен сум дека ќе постигнеме се што зацртавме со Димитар што е можно поскоро, рече Петков.

Какви отстапки прифатила македонската влада засега не е познато, ама премиерот Димитар Ковачевски побрза да го поправи Петков кожј откри клучни детали од преговорите дека Комисијата работела независно, па ќе го чекал извештајот од тимот историчари.

-Тие професори работат независно од политичкиот дијалог и од другите работни групи кои работат на други прашања. На нашиот состанок тука во Софија, тие беа тука и кажаа дека ќе ја забрзаат својата работа и штом дојдат до заклучоци врз нивната историска методологија ќе можат да ја споделат со другите, вели Ковачевски. 

Иако Ковачевски се обидува да прикаже дека историската комисија работи независно, сепак бугарските власти отворено говорат дека ја диктираат работата на Комисијата и наметнуваат рокови за постигнување решение.  Дека политиката сериозно има замешано прсти во историските одлуки, потврдува и последното заминување на професорот Ванчо Ѓорѓиев од составот поради како што сам наведе честите обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата на висок функционер од МНР да биде прифатена промена на учебникот по историја за седмо одделение во делот за цар Самоил. Како што Алфа тогаш објави по информации кои ги добивме од високи дипломатски извори од МНР, високиот функционер бил првиот човек на Директоратот за билатерални односи со европски држави, Методија Белевски кој беше дел и од делегацијата на последната посета на македонските власти во Софија и е една од врските со тамошните институции.

Дали она што го најавува Петков со напредокот со историската комисија ќе значи и предвестие за тргање на ветото е се уште неизвесно. Бугарскиот премиер сепак најавува дека за неколку недели може да биде постигнато и решение за спорот, доколку се реши прашањето за заштитата на малцинствата.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста