Петков ги избриша, а Маричиќ му е страв да ги спомне – Македонците во Бугарија оставени сами на себе

Македонската влада се откажа од малцинството во Бугарија. Заштитата на правата на Македонците во соседство за новоформираниот владин состав било мешање во внатрешните работи на соседите. Наместо целосно да застанат позади нивните интереси , македонскиот премиер Димитар Ковачевски само неколку часа од стапувањето на функцијата ги препрати Македонците за своите права да се борат преку Судот во Стразбур.

Изјавата на Ковачевски доаѓа по скандалозното признание на вицепремиерот Бојан Маричиќ кој на инсистирање на Алфа потврди дека Македонија не била таа која одлучувала каде какво малцинство има, ама нема ниту да застане во одбрана на нивните права.

-Сакам конкретно да ми одговорите дали Македонија го признава своето малцинство во Бугарија и дали ќе застанете во одбрана на нивните интереси? – новинар на Алфа.

-Најпрво мислам и досега имавме пракса на немешање во внатрешните прашања на која било нашата соседна држава, а тоа е обврска од Уставот. Не е на Северна Македонија да кажува каде и какво малцинство има во некоја држава во регионот. Тоа е внатрешно прашање на сите држави, вклучувајќи ја и Бугарија. Секоја група луѓе или етничка заедница или политичка партија или здружение има право да си ги бара своите правата преку Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права и преку Европската конвенција за заштита на човековите права. Во таа смисла изјаснувањето и дефинирањето на тоа каква етничка заедница егзистира во која било држава во регионот во овој момент не би било продуктивно. Ние се водиме од европските принципи и практики и така ќе остане. Тоа е наша уставна обврска“, рече Маричиќ.

Но не е само македонската влада таа која што го негира македонското малцинство во Бугарија и новиот бугарски премиер  Кирил Петков кој утре доаѓа во Скопје во интервју порача дека не постои такво малцинство и не може да се разговара за тоа, ама затоа ултимативно бара почитување на Бугарите во Македонија.

А бугарската делегација предводена од Кирил Петков утре пристигнува во Скопје. Со цврсти и непопустливи барања за историјата и гаранција на правата на Бугарите во Македонија и отворање на Уставот, Бугарија се очекува уште еднаш да ја потврди својата позиција дека не постои временска рамка за кревање на ветото за македонските интеграции.

Ивана Соколовиќ Најдова

Advertisements

Поврзани вести