Песимизам во Тирана за почеток на преговори – ЕУ не била спремна за Албанија

Лидерот на Демократската партија во Албанија, Љуљзим, Баша, го обвини премиерот Еди Рама како единствен виновник за тоа што земјата нема да добие датум  за почеток на преговори за членство со Европската унија, објави Албаниан њуз.

Неговата изјава е дадена како одговор на изјавата на Рама дадена вчера кога рече дека Албанија ги исполнила своите обврски а ЕУ не е подготвена да ги отвори преговорите со Албанија.

Но, за лидерот на ДП, тоа е неприфатливо затоа што Рама е на власт шест години и нагласи оти тој ветил почеток на преговори и затоа вината паѓа токму врз него.

„Рама е единствената личност која е одговорна за неуспехот да се добие датум за почеток на преговори. Тој е на власт 6 години и за неуспехот е виновен само тој. Тој вети почеток на преговори, но како и секогаш тој не успеа во тоа. Тоа е неговиот последен неуспех во хаосот во кој ја вовлече земјата. Албанија е во криза, Албанците си заминуваат од земјата, економијата тоне и условите за Албанија се зголемуваат, додека другите земји во регионот напредуваат“, истакна Баша.