Перспективи за членство во ЕУ за Украина, Грузија, Молдавија – каде е Македонија?

Поднесените кандидатури за членство во Европската Унија  од  Украина, Грузија и Молдавија, и лобирањето од страна на дел од земјите членки за што побрз нивни прием, не влеваат голема надеж дека ќе се забрза процесот на проширување на Западен Балкан, пред се со Македонија, сметаат експертите.

Она што се однесува за Македонија факт е дека ние немаме проблем со другите членки на ЕУ освен со Бугарија. Вака како што стојат работите во овој момент тешко дека ќе се тргне ветото. Не верувам дека некоја друга членка ќе изврши притисок врз Бугарија, затоа што Бугарија од друга страна поради војната со Украина уште повеќе им треба на сојузниците., Мислам дека е ова некоја еуфорија која ЕУ сака да ја подргее за тактички против Русите, вели поранешниот амбасадор Јован Донев.

Од друга страна, Амбасадорот на европската унија во Скопје Дејвид Гир минатата недела предупреди дека не треба да се прават споредби на условите што ги поставува Русија кон Украина со оние што ги поставува Бугарија кон Македонија

„Навистина сакам да ја отфрлам оваа паралела целосно. Во украина гледаме градови што се бомбардираат од страна на руската армија, имаме лидер кој вели дека украина не е држава. Имаме воена агресија од страна на русија врз суверена држава чиј територијален интегритет е ставен под прашалник, рече гир.

И во случај Брисел да посвети внимание на Балканот, Македонија не е прва на списокот. Според Донев, изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за тоа дека Србија има приоритет при отпочнување на преговорите, покажува јасно кој ќе има приоритет за неговата држава, а тоа се должи на долгото пријателство меѓу двете нации. Но, и покрај охрабрувачките тонови на Макрон, многумина се скептици дали наскоро воопшто ќе има било какво проширување.

Франција нема да да дозволи проширување додека не се реформира Европската Унија, тоа проширување ќе трае најмалку 10 години, македонските преговори ќе траат 20-25 години, може никогаш нема да завршат и тоа се реални состојби. Нашата пропаганда е многу силна и таа опсесија со датумот на преговори не ни служи на чест, истакна поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

Македонија чека на отпочнување на преговорите од 2005 година од кога е кандидат за членство во ЕУ. Со години бевме под Грчка блокада, но и откако со нив потпишавме договор со кој прифативме промена на името, не се отворија вратите на Европа, туку се соочивме со нова препрека, сега од страна на Бугарија.

Кристина Алексиеска