Перински: Сите општини поднеле барања за 357 инфраструктурни проекти
Интерес кој ги надмина очекувањата на Владата. Сите општини аплицирале за државните пари за инфраструктурни проекти. Градоначалниците поднеле барања за изградба и реконструкција на улици, градинки, училишта, водоводи, канализации во вкупна вредност која ги надминува 100 милиони евра колку што Владата обезбеди со ребалансот на буџетот. Во следните 10 дена градоначалниците ќе треба да ја докомплетираат документацијата и да ја достават до ресорните министерства. Потоа, во наредните 10 дена, министерствата ќе треба да формираат комисии за евалуација кои ќе одлучуваат кои проекти ќе добијат зелено светло, по што ќе следи и конечна одлука на Владата.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска аплицирала со десетина проекти за изградба и реконструкција на улици и кружни текови, но се обиде и да ја протурка набавката на 80 еко автобуси, 15 електрични автобуси и купување на противпожарни возила. Перински вели дека целта на овој проект е да има инвестиции во инфраструктурата, а не парите да се потрошат за возен парк.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински очекува процесот на избор на инфраструктурни проекти да заврши до крајот на месецот, по што треба да следи и нивна реализација. За наредната година е планиран уште еден ваков јавен повик на кој треба да се доделат уште 250 милиони евра, кои ќе бидат обезбедени од заемот од Унгарија.