Пентагон ќе достави извештај за НЛО-а до американскиот Конгрес

Со децении се шпекулира дека американската влада крие информации за средби со Неидентификувани летечки објекти. Пентагон подготвува извештај кој треба да биде доставен до Конгресот до крајот на јуни, а кој според познавачите може да фрли сосема ново светло на овие засега необјаснети феномени.

Кога станува збор за Неидентификувани летечки објекти американските власти вообичаено не коментираат. Но, тоа се менува.

“There’s a whole fleet of them, look on the ASA.”

“My gosh!”

На ова видео снимено од американски воен авион се слуша реакцијата на пилотите откако ќе забележат објект кој лета со голема брзина и на неверојатен начин.

“Look at that thing! It’s rotating.”

Видеото е од тајна работна група на Пентагон формирана во 2007-та која има задача да собира и анализира податоци за Неидентификувани летечки објекти, НЛО, кои според новата терминологија сега се нарекуваат Неидентификувани воздушни феномени.

Откако протекоа три видеа кои беа поставени на интернет Пентагон потврди дека тие се автентични снимки направени од членови на Морнарицата.

Во последно време претставници на највисоките нивоа на власта почнаа да ги третираат НЛО-та поотворено, вклучително и еден поранешен претседател.

Има снимки на објекти на небото за кои не знаеме точно што се. Не можеме да објасниме како се движат, нивната траекторија-рече Барак Обама, поранешен претседател на САД.

Се очекува Пентагон наскоро да објави извештај за Неидентификувани летечки објекти. Со тоа Конгресот и јавноста за прв пат би добиле увид во податоците за НЛО со кои располагаат повеќе владини агенции.

Има нешта кои летаат над објектите за национална безбедност, не знаеме кои се, не знаеме што се, не се наши. Мора да дознаеме-рече Марко Рубио, сенатор.

Поминаа 70 години откако Пентагон започна да ги проучува НЛО-та. Досега за нив малку се зборува на официјално ниво иако постојано се пријавуваат нови случаи.

Од друга страна, повеќе граѓански организации ги проучуваат овие феномени.

Ги проучуваме НЛО-та сиве овие години, речиси сите докази и сведоштва. Знаете, тоа е разбирливо и возбудливо. Се убедив пред многу години и се уште сум. Но, тоа се само сведоштва, а нам ни треба нешто повеќе. Затоа видеата од Морнарицата и сите податоци се толку возбудливи-рече Марк Родегер, Центар за проучување на НЛО.

Главна цел на извештајот од Пентагон треба да биде утврдување дали ваквите објекти претставуваат закана, но некои од активистите се надеваат дека тој ќе открие многу повеќе.

И тоа навистина е поентата на ние кои сме во полето и кои постојано велиме дека има вистински феномен кој заслужува сериозно проучување. Што и да е, заслужува сериозно проучување-вели Марк Родегер, Центар за проучување на НЛО.

Еден од поистакнатите случаи е оној од брегот на Калифорнија. Радарот на американски носач на авиони забележал повеќе летала како се движат на невообичаен начин. Два авиони F18 биле испратени да испитаат.

Екипажот од двата авиони опишал пет минутна средба со цилиндричен објект за кој рекле дека „не се однесувал согласно нормалните закони на физиката“. Откако објектот ненадејно исчезнал повторно се појавил на радарот на оддалеченост од 100 километри каде трет авион ја направил оваа снимка.

Засега не се знае што точно ќе содржи извештајот кој го подготвува Пентагон, но тој би бил најобемната официјална збирка на информации поврзани со овие феномени.За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста