Пендаровски со различни ставови од Заев околу заедничката историја и антифашистичка борба

Дури ни претседателот Пендаровски не може да го следи премиерот Заев во попустливиот став кон Бугарија. Иако вчера го премолчи нападот од премиерот кој се пофали дека имал повеќе искуство од него, Пендаровски денеска ги искажа своите ставови за историјата и фашизмот кој се сосема различни од тие што ги промовираше првиот човек на владата. За разлика од Заев, шефот на државата смета дека Македонија и Бугарија сепак, имаат различна историја.

„Со премиерот Заев во многу наврати сме разговарале на оваа тема и никогаш не сме имале спор дека некои личности и настани можат да бидат чествувани и од двете страни, но, дека македонскиот народ има своја засебна историја, како што бугарскиот народ има своја. Во сите мои јавни настапи јасно кажувам дека антифашистичката борба е во темелите на современата македонска држава, а во таа борба сме се бореле против оние кои беа на страната на фашистите“, рече претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Дојче Веле“.  

Овие ставови на Пендаровски, кој инаку беше силен поддржувач на промената на уставното име на државата, но и за договорите кои владата на СДСМ ги потпиша со соседите, се дијаметрално спротивни од тие што беа искажани вчера од Заев дека имаме заедничка историја и дека Бугарите не биле фашисти, туку администратори.

Инаку, во скандалозното интервју Заев несмасно го правдаше Пендаровски за изјавата дека Бугарија нема излезено од политиките на Тодор Живков, посочувајќи оти „не бил толку искусен политичар како Заев“. За ваквите квалификации Пендаровски му одговори – јас внимавам што зборувам.

„Моето 20-годишно искуство во меѓународната политика ми овозможува прецизно да ги мерам зборовите и ставовите кои ги искажувам кога разговарам со моите бугарски соговорници и со нашите пријатели од меѓународната заедница“, вели Пендаровски.

И додека за Заев, македонскиот национален херој Гоце Делчев, кој се борел за слободна и независна македонска држава, го нарече и Македонец, но и Бугарин, шефот на државата по умерен во ставовите – вели тоа прашање требало да го решат историчарите, а не политичарите.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста