Пендаровски со говор во живо на 20-годишнината од Рамковниот договор, за Илинден со снимена порака

За најголемиот празник на државата – Илинден, шефот на државата се обрати само со видео порака. Но за годишнината од Рамковниот договор, Пендаровски непосредно,  со директна порака до присутните и јавноста – Охридскиот рамковен договор на државата ѝ гарантира стабилна и демократска иднина. Гламурозната прослава од пола милион евра, за 20 годишнината од постигнувањето на договорот,го собра цел државен врв во Александар Палас. Присутни беа амбасадори, претставници од САД, ЕУ, НАТО, ОБСЕ.
Според претседателот иако договорот го издржал тестот на времето, е далеку од совршен.
„Рамковниот договор го издржа тестот на времето, иако е далеку од совршен. Ако во него бараме пропусти, тогаш, според мене, најголемата грешка беше тоа што под притисок на крајно неповолната динамика од настаните на теренот, учесниците во преговорите воопшто немаа време да се посветат на правата и статусот на помалку бројните етнички заедници и поради тоа договорот со право е квалификуван како бинационален, а, тоа сигурно не е предност во едно мултикултурно општество“ рече претседателот Стево Пендаровски.
Доколку не се постигнеше Охридскиот договор ќе се случеше поделба на државата, тоа ќе беше најтрагичниот крај за македонците и албанците – заклучи лидерот на ДУИ и некогашен водач на Ослободителната народна армија. Тој непосредно пред обраќањето на премиерот, дури упати и пофални зборови за работата на Заев и постигнувањето на Преспанскиот, и договорот за Добрососедство.
„На моjoт коментар, ако Заев во 2001 година беше во позиција  ќе го потпишеше договорот, Али Ахмети ми дошепна: ‘Да беше Заев во 2001 година, немаше да се случи 2001 година“ – истакна вицепремиерот Артан Груби.
За претседателот на Собранието Џафери, ништо не завршува со потпишувањето на Договорот пред две децении.
„ПОСЛЕ ОХРИД“, затоа што процесот продолжува, предизвиците не се исцрпуваат и нашето патешествие како држава ќе се заокружи тогаш кога ќе ја исполниме и нашата втора стратешка определба и цел, односно, по полноважното членство во Сојузот на НАТО, да почнеме преговори и со Европската Унија, по определувањето на датумот за одржување на првата меѓувладина седница на Република Северна Македонија – Европска унија. И, повторно, ништо не завршува тука! – истакна спикерот Талат Џафери.
Инаку на помпезната прослава за јубилејот која предизвика лавина реакции поради потрошените пари но и дека се организира во време на пандемија, и за само еден викенд ги одбегна рестриктивните мерки, не присуствуваа од опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Албанската опозиција пак излезе со критики кон интегративците, дека сето ова што се прави е само бркање политички поени во предизборие.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста