Пендаровски: Разликата меѓу мене и другите е како небо и земја, црно и бело

Изминативе година-две направивме неколку тешки одлуки, неколку тешки компромиси, но не ги направивме за себе или за својата фамилија како што правеа овие претходно, туку за подобро утре на земјава. Направивме договор со нашите соседи и ги отворивме портите кон Европа, донесовме и Закон за јазици со што го завршивме Рамковниот договор, рече кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, на вечерашниот митинг во Гази Баба.

-Сега, сложно внатре и со отворени врати за евроатлантските интеграции одиме напред што не се случуваше во изминатите 25 години, истакна Пендаровски.

Според него, не постои држава што може да ги реши своите најголеми проблеми, а тие се секојпат во економско-социјалната сфера ако не е интегрирана во Европа.

-Затоа ги направиме и донесовме овие тешки одлуки, Не калкулиравме колку пратенички мандати ќе земеме на следните избори, не броевме советнички места, не се грижевме за нашиот рејтинг, туку за подобрата иднина на Македонија и така ќе продолжиме.

Пендаровски претходно од Арачиново порача дека во двата збора „Заедно напред“ од слоганот на неговата кампања, е содржано она во што верува – дека заедно можеме и треба да одиме напред.

-До сега видовте што нудам јас, а што нудат другите. Јас мислам дека не нудат ништо освен враќање назад. Разликата е како небо и земја, како црно и бело. Напредокот почна и враќање назад нема, истакна заедничкиот кандидат за претседател на СДСМ и коалицијата.

Нагласи дека нуди заедништво, напредок, интеграција и членство во НАТО и ЕУ. Со пристапувањето кон Унијата и НАТО, рече, се отвараат нови перспективи за подобар живот на сите.

-На 21 април да го избереме концептот за напредок, да го избереме број три, да не дозволиме никој да не враќа назад, да продолжиме напред, заедно напред, порача Пендаровски и побара од сите граѓани заедно, сплотени, како што рече, да продолжат по патот по кој тргна Македонија.

МИА