Пендаровски: Никој нормален нема да дебатира за македонскиот јазик

Никој нормален нема да дебатира за македонскиот јазик. За разлика од премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски со многу пожестока реакција за тврдењето на бугарските академици, дека македонскиот јазик е бугарски напишан на српска плоча. Пендаровски вели македонскиот јазик, како и нацијата постојат, а дека убедување во такво нешто би било губење време.

-Кога тогашна Југославија беше членка на ОН и во личната карта на секоја земја членка на тогашните ОН, стоеше уште од 74-та година македонскиот јазик, тоа е апсолутно неспорна работа. Стварно мислам дека би губеле време да се убедуваме дали постои или не постои. Тоа постои, исто како што македонската нација е факт. За тоа никој нормален во нашата земја нема да дебатира ниту да потпишува договори со било кого, изјави Пендаровски.

За разлика од шефот на државата, шефот на Владата најави дека низ пријателство ќе се бараат решнија.

-Бугарија е европска земја, таа е голем пријател на Република Северна Македонија и на македонскиот народ, и на сите народи кои живеат во Република Северна Македонија. Јас верувам дека низ разговор, низ дијалог ќе изнајдеме решенија и на ваквите прашања, затоа што се чувствителни, сензитивни се. Идентитетот е филинг, чувство, тоа не може никој да го промени, изјави Заев.

Официјален став од Владата се уште нема, а на Фејсбук реагираше министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Тој порача дека јазикот е македонски, но повторно ја спомена и заедничката историја. Истата според членот на македонскиот тим на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, Ванчо Ѓорѓиев е периодот која Македонија била под окупација на Бугарија.

-Прифаќање на периодот на заедничка и испреплетена историја што ги поврзува бугарскиот и македонскиот народ, но и на сегашноста – македонски народ што говори македонски јазик. За овој процес да успее, на двете страни им треба мудрост и деликатност, големина во разбирањето и почитувањето на грижите и достоинството на другиот, напиша Димитров.

Бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов, вели за Софија јазикот во Македонија е оној од декларацијата на бугарскиот парламент, со која се бара неспоменување на македонскиот јазик, а не ставот на бугарските академици. Денеска во Скопје беше и членот на БАН, Александар Гернанов, кој и покрај барањата на новинарите, одби да даде коментар. Претседателот на МАНУ во заминување, Таки Фити пак порача дека немало прашање за кое не можеле да се договорат со своите бугарски колеги.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста