Пендаровски: Несериозно е лидерите на партиите свечено да потпишат дека сме Македонци кои говорат македонски јазик

За претседателот Пендаровски е несериозно лидерите на партиите свечено да потпишат дека сме Македонци кои говорат македонски јазик. Според него не е потребна ниту парламентарна седница за утврдување на црвените линии за разговорите со Бугарија бидејќи тие се веќе познати. Ако цената за влезот во ЕУ е откажување од идентитетот и јазикот тоа е неприфатлив услов за секој Македонец, порача Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците.

“Правото да се идентификуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик било и ќе биде надвор од било каква дебата бидејќи тоа се одамна завршени историски процеси. Во врска со свикување на посебна седница на парламентот исто така не гледам потреба за такво нешто затоа што ниту еден парламентарен политички субјект не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик”, рече Пендаровски.

Обраќањето на Пендаровски на негово барање започна со едноминутно молчење за сите граѓани кои починаа од корона вирусот. Пандемијата како што истакна тој извршила голем притисок врз здравствениот систем, но државата според него добро се справила. Пендаровски најави носење закони за вонредна и воена состојба и подобро менаџирање на кризна состојба.

“Не смееме да дозволиме во 21 век за вакви сериозни прашања полуписмени шарлатани и надрилекари да доминираат над најголемите научни имиња и институти кои во изминативе два века од појавата на првите вакцини спасија милиони човечки животи”, рече Пендаровски.

Опозицијата со транспаренти идентитетот се продава стево молчи и не е мој претседател излегоа пред говорницата додека Пендаровски им се обраќаше на пратениците. Потоа народните избраници од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата. Според Александар Николоски Пендаровски покажал дека не е претседател на сите граѓани туку извршител на Заев.

“Стево пендаровски е прв кој кажа дека нашиот национален херопј Гоце Делчев е Бугарин и со тоа ги сруши македонските национални позиции, ја отвори пандорината кутија, ги оневозмиожи историчарите на научна основа да разговараат за историјата’, рече Николоски.

Ниту пратениците од алијанса и алтернатрива не гледаат разлика во искажаното од Пендаровски и владините политики.

“Ние како коалиција констатираме дека излагањето на претседателот не се разликуваше од ставовите на владата и партиите кои се од мнозинството”, рече Скендер Реџепи од коалиција Алијанса и Алтернатива.

Власта пак во претседателот гледа партнер за решавање на крупните прашања.

“Претседателот потврди дека за македонскиот јазик и македонскиот иџдентитет не се разговара и дека не се потребни никакви седници или документи”, рече Јован Митрески од СДСМ.

“Не е добро тоа што опозицијата ја напушти собраниската сала”, вели Арбр Адеми од ДУИ.

Ова беше второ годишно обраќање на Пендаровски откако е избран за оретседател и прво пред овој парламентарен состав.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста