Пендаровски конечно свика Совет за безбедност: Засега нема полициски час, претходно не ги дал очекуваните резултати

Претседателот Стево Пендаровски конечно свика седница на Советот за безбедност, која не донесе ништо ново во битката против пандемијата од Ковид 19. Како што кажа Пендаровски, од Заев, Филипче и другите членови на Владата бил информиран само околу мерките кои веќе се донесени, како што е носењето маска на отворен простор и редуцирана работа во државните институции.

Иако бројот на заразени и за жал починати од Ковид 19 секојдневно руши црни рекорди, поголемо заострување на рестриктивните мерки нема. Премиерот Заев не даде прецизен одговор на прашањето дали се калкулира со воведување поригорозни мерки поради можен колапс на економијата.

-Владата ја слуша комплетно Комисијата за здравствена заштита и министерот Венко Филипче, кои што работат, ако тие предложат ние ќе постапиме, изјави Заев.

И покрај алармантните бројки, за министерот за здравство Венко Филипче засега не се потребни порестриктивни мерки.

-Не се потребни сега засега никакви други ниту законски измени, ниту пак нешто друго, што би ни овозможило како дополнителен инструмент воведување на дополнителни, се со цел заштита на здравјето на граѓаните. Овој пакет на мерки кој што е сега на сила е практично пакет кој што се користи во сите европски земји, изјави Филипче.

За власта не е потребна ниту вонредна состојба, ниту пак полициски час. Иако речиси три месеци имаше забрани за движење, како и неколкудневни карантини, Филипче вели таквата мерка не ги донела очекуваните резултати.

-Вирусот е тука, дека мора да се живее со него, дека сите треба да ги почитуваме превентивните мерки и во таа смисла рестрикција на движењето нема да има никаков ефект, изјави Филипче.

Инаку, Советот за безбедност беше свикан по повеќе од еден месец, три дена откако Алфа праша зошто не е свикана и покрај состојбата со коронавирусот. Во понеделникот од кабинетот на Пендаровски ни одговорија дека истата ќе ја имало кога претседателот ќе проценел дека такво нешто е потребно, што се случи по само три дена.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста