Пендаровски ја укина вонредната состојба, бројките од над 150 заразени дневно за него не се причина за нова одлука

Пендаровски одлучи дека нема потреба за нова вонредна состојба. Владата според него ги обезбедила сите здравствени и економски мерки. Вели дека високите бројки на ново заразени дневно кои немаат паднато под 100 не се сега и никогаш досега не биле причина за воведување на вонредна состојба. Тоа го правел за да и даде моќ на владата да носи уредбите со законска сила во битката против епидемијата.

“Јас не велам дека нема поголеми бројки заболени, има, меѓутоа вонредната состојба не беше воопшто поради бројката, туку Владата кога нема парламент, да може да одговори на предизвиците во економска и социјално здравствената сфера”, рече Пендаровски.

Сепак претседателот на 30 мај размислуваше поинаку. По седницата на советот за безбедност рече дека причина за вонредна состојба се токму зголемениот број заразени и починати.

“Имајќи ги предвид зголемениот број заразени и починати наши сограѓани, донесов одлука за прогласување на нови 14 дена вонредна состојба”, изјави Пендаровски на 30 мај.

Освен за бројот на заразени и владините уредби како причина за вонредна состојба Пендаровски беше контрадикторен и за изборите. Во обраќањето неколку пати повтори дека неговите одлуки воопшто не се поврзани со изборниот датум. Но, неколку минути подоцна на Заев и Мицкоски им остави простор да се договорат па ако требало ќе ја продолжел вонредната состојба за неколку денови. Тој предупреди дека мора да има инклузивен изборен процес со учество на сите фактори за идната влада да има полн легитимитет.

“Доколку не успееме да се договориме за транспарентен и инклузивен изборен процес тоа ќе значи влез во длабока политичка криза. Ако го погледаме поширокиот регион во кој се наоѓаме и обидите за негова дестабилизација преку хибридните закани и лажните вести, не можеме да исклучиме дека евентуалната правна и политичка криза нема да прерасне во безбедносна”, смета претседателот.

Изборите во услови на корона според шефот на државата биле неопходни за да имаме функционални институции но признава дека најголемиот дел од граѓаните не размислуваат за гласање.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста