Пендаровски денеска му го додели мандатот на ковачевски за состав на нова Влада

Почнува да тече рокот од 20 дена во кои мандатарот и лидер на СДСМ треба да ја достави владината програма и владиниот состав до Собранието –  шефот на државата Стево  Пендаровски денеска во Вила Водно му го врачи мандатот на Димитар Ковачевски –наследникот на  Зоран Заев кој по поразот на локалните избори се повлече од премиерската и претседателската функција во СДСМ.

„Врз основа на член 84 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, и известувањето за предлогот за мандатар доставено од СДСМ, а поддржано од политичките партии во состав на коалицијата, кои заедно го имаат мнозинството пропишано со Уставот во Собранието, за мандатор за состав на владата го определувам господинот Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ“ – изјави шефот на државата Стево Пендаровски.

Да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите и да ги решиме сите проблеми што ги мачат – мандатарот Ковачевски најави фокус кон економијата, евроинтеграциите, здравствениот систем.

„Нашата земја е мала и не смееме да дозволиме политички поделби и бескрајни расправии. Тие прават голема штета на развојот и реалиацијата на проекти и реформи, кои се потребни за подобар живот на сите. Мораме да ги надминеме разликите, да се обединиме во приоритетите и брзо да напредуваме. Граѓаните бараат да видат разлика, да видат напредок, а со тоа и да ја вратат довербата дека можеме и умееме како општество“ – изјави лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не очекува ништо конкретно од Ковачевски. Критикува дека Заевизмот ќе продолжел.

„Имав прилика да слушнам едно интервју на Ковачевски, стерилно, буквално не можам да препознам некоја политичка, лидерска реченица која ќе можам да ја коментирам. Затоа очекувам само продолжување на политиките и ништо друго“ – изјави Мицкоски

Владејачкото мнозинство на СДСМ, Алтернатива, ДУИ и помалите коалициони партнери изнесува 64 пратеници – потписи кои му овозможија на Ковачевски да го добие мандатот од шефот на државата. Дека можеби Македонија ќе има нова Влада и пред дадениот рок, вчера потврди и собранискиот спикер Талат Џафери, а неговите очекувања се тоа да биде на 16 јануари.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста