Пендаровски: Бугарија ни се меша во внатрешните работи – Заев: Не е потребно разузнавачки служби да утврдуваат граѓански права

Румен Радев директно се меша во внатрешните работи на Македонија. Претседател на една земја-членка на НАТО не може да ги повикува своите служби за безбедност, да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани, во друга земја која е дел од Алијансата, реагира Пендаровски.

Ваквата реакција на шефот на државата следува еден ден по средбата на неговиот бугарски колега со шефовите на безбедносните служби. Со цел „да се преземат соодветни мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани од дијаспората, кои според нив биле цел на напади. Повод за состанокот е писмото кое културниот центар Иван Михајлов од Битола го испрати до бугарскиот  државен  врв. Во него бараат олеснување на процедурите при добивање на бугарско државјанство за оние граѓани кои на претстојниот попис во Македонија ќе се определат како Бугари, но и се пожалија дека се соочуваат со бугарофобија и  стравуваат слободно да се изјаснат.

“Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава”, смета Пендаровски.

Заев пак вели Македонија знаела да даде одговор за секоја загриженост на Бугарија. Немало потреба да потпаѓаме под инсинуации. Правата на граѓаните биле светост и не треба да ги утврдуваат разузнавачките служби.

Со контроверзни ставови излезе и министерката за надворешни работи на Бугарија Захариева. Според неа во Македонија има 100 000 Бугари кои често биле заплашувани.

“Ние сме многу доследни во политиката. Некои луѓе таму беа многу изненадени што кажавме „не“ за преговарачка рамка. Позицијата на Бугарија сепак е иста од 2019 – сметаме дека има забавено исполнување или недостиг на исполнување на задачите од македонска страна на Договорот за добрососедство со Македонија.Претходно имаше раздвижување во сите сфери, но од почетокот на 2019 година од кога станаа членка на НАТО почна недоследно исполнување”, рече Захариева.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека причина за ваквите ставови на Бугарија е тоа што Заев ја ставил Македонија во подредена положба со источниот сосед. . Заканите за интервенции на бугарски разузнавачки служби се директна вина и одат на контото на Зоран Заев, кој ја понижи државата и се откажа од македонското малцинство во Бугарија, велат од партијата.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста