Пелистерци отптимисти за утрешниот меч со Татран

Ракометарите на Еурофарм Пелистер по одложениот меч со Рајн Некар во Европската лига, добија повеќе денови за одмор, а со тоа и подобра подготовка за утрешниот дуел против Татран Прешов во третото коло од СЕХА лигата.

„Татран Прешов е добро тренирана и добро водена екипа од поранешниот хрватски селектор, Славко Голужа, кој долго време е таму, што значи добро си ја работи својата работа. Имаат добра транзиција, контра напад и многу добар посед на топка во напад. Тоа веќе им го нагласив на моите ракометари. Единствен начин за победа е агресивна одбрана, посебно во средината, и враќање во одбрана“, изјави тренерот Жељко Бабиќ.

„Одложувањето на натпреварот против Рајн Некар Левен ни отвори шанса повеќе да се спремаме за Словаците. Се подготвуваме за нивниот целокупен тим, сепак доаѓаат со играчите кои го влечат товарот во екипата. Ги анализиравме добро и се надевам дека ќе се покажеме во вистинско светло, бидејќи натпреварот е многу важен за нас, за да го осигураме второто место во групата во СЕХА лигата“, смета Мартин Велковски.

Пелистерци се во одлична серија од три победи во Европската лига, па така нека продолжат и во утрешната пресметка со Татран во „Боро Чурлевски“ од 17.45 часот.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста