Пелагониските стопанственици очекуваат тешка бизнис година бараат од политичарите да си ги оправдаат платите

Пелагониските стопанственици очекуваат тешка бизнис година бараат од политичарите да си ги оправдаат платите

  Претстои една од потешките години за и онака ослабнатото македонско стопанство. Се’ уште присутните последици од Короната, хаосот со промената на документите, како и престојните избори се само дел од факторите кои сигурно ќе имаат дополнително негативно влијание врз домашната економија, прогнозираат пелагониските стопанственици.

  „Во секој случај, оваа година ќе биде предизвик за целото стопанство затоа што кога е изборна година, стопанството малку затајува, односно е во стенд-бај позиција додека не се разрешат политичките услови во државата“, – вели Сашо Самаџиоски, директор на Прилепска пиварница.

 „Со отпочнувањето на Короната јас знаев дека идат години на криза, тоа е домино систем, ниедна криза не останува сама за себе, секоја повлекува наредна, и наредна. За жал, сега сме во предворието на една од најтешките години можеби во постоењето на овој век, особено во делот на креирањето на додадената вредност на капитализмот“, – истакна Ирена Јакимоска, директор на „Комфи Ангел“.

   Од друга страна, со оглед на фактот што Пелагонискиот регион е втор, после Скопскиот, во учеството на БДП со над 11 проценти, пелагониските бизнисмени пак ја актуелизираат и децениската рак-рана од очајната патна инфраструктура. Пребавната изградба на ветените патишта за ова „слепо црево“, велат, ги чини прескапо, дури и до неиздржливост.

  „Ова е изборна година и ќе биде малку тешка година во делот на работењето на компаниите кои соработуваат со државата. Оние заклучоци кои ги донесовме на Форумот и оние потреби кои ги има стопанството, ќе пробаме во овој предизборен период да ги доставиме до политичките партии да ги инкорпорираат во нивните програми и овој Пелагониски регион, кој е најголем по придонесот во БДП, после Скопскиот, сметаме дека подобро ќе се развива. Се надеваме на брза реализација на Експресниот пат, се надеваме исто така да отпочне и реализацијата на Автопатот, но тие се работи кои не се во наш домен“, – посочи Никола Мариновски, претседател на Регионалната стопанска комора – Прилеп.

 Пелагониските стопанственици сметаат дека ако државата им ги реши проблемите со патната инфраструктура, овој Регион пак ќе може да се врати на старите златни патеки кога неговото учество во БДП било дури и над 17 проценти.

                                                                                 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста