Пелагониските сточари немаат земено субвенции за две години, се закануваат дека ќе го истураат млекото на денот на изборите

         Тони Петковски е долгогодишен сточар кој чува 20 грла шталска стока и обработува 25 хектари земја. Заради неисплатените субвенции за речиси две години, немањето право на зелена нафта, како и заради ниските откупни цени на млекото, вели дека ќе мора да се откаже од овој семеен бинис, по примерот и на многу други сточари од пелагониско.

  „За по литар млеко ни борчат уште за двесет месеци, а сега е екот на есенската сеидба, припрема за храна за стокатабарем за 2020 година да бидеме доипслатени за да можеме да опстанеме со овој шок на цени, со овој шок на поскапувања на горивата за да го зачуваме сточниот фонд, инаку, моментално 80 посто од сточниот фонд е уништен, продаден…Јас како сточар и земјоделец, како што одат работите, ќе бидам принуден да ја продадам цела стока и да ја затворам шталата“, – вели Тони Петковски, потпреседател на Здружението „Пелагонско поле“ од Битола.

   На истата мака и размисла е и сточарот Борче Бучински. Тој тврди дека во општина Могила, во моментов од 450 куќи, само триесетина останале да чуваат стока, додека до пред некоја година било обратно. Сточарите стравуваат дека со ваква аграрна политика во земјава, за многу кратко време и сточарството ќе биде целосно уништено

    „Ние што произведуваме храна изгледа сме најнепожелните луѓе во самава држава. Ние се бориме за нашите пари две години….Ова е апел да ни ги дадат нашите пари. Не сега дека ги притискаме ние на избори. Значи, ние можеме и на самиот ден на изборите да им го истуриме млекото, во секоја општина, во секое село пред гласачкото место..Нас ни е целта да си ги земеме нашите пари оти тешко се живее…“, – објаснува сточарот Борче Бучински.

   Инаку, како што кажуваат самите сточари, неофицијално имале ветување дека до крајот на август ќе им бидат исплатени заостанатите субвенции.

  Каролина Дурло