Пелагониските градоначалници и пратеници ќе покренат иницијатива за измена на Законот за увоз на тутун за заштита на домашното производство

      Итна измена во Законот за тутун со која ќе се забрани увозот на странски тутун се’ додека не биде откупен и последниот лист од домашното производството, ќе побараат градоначалниците и пратениците од Пелагонискиот регион каде тутунопроизводството е стратешка земјоделска гранка. Освен ова, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, со допис веќе побарал – Земјоделскиот инспекторат да посвети поголемо внимание и контрола на откупните пунктови со цел маката и трудот на тутунопроизводителите да бидат соодветно вреднувани со реални откупни цени, а што не е случај во овие 15-тина дена откако е започнат годинашниот откуп.

   „Незадоволството на тутунопроизводителите, јас како градоначалник го слушнав и дојдовме до еден заеднички став дека во иднина редовно ќе бидеме информирани за откупната цена на тутунот..Тутунот како земјодлеска гранка е од витално значење за овој регион и тој, и тоа како придонесува за локалната економија“, – изјави градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.  

    Тутунарите пак, на оваа прва средба со градоначалникот, се пожалија дека доколку навреме не се преземе нешто конкретно, годинашниот откуп  ќе ја има истата судбина како и лани, односно тутунарите ќе бидат пак катастрофално оштетени и покрај евидентно високиот квалитет на родот.

   „Просечната цена која што во моментов е постигната на откупните ваги е незадоволителна и тутунарите се во една незавидна положба каде што успешна реколта со висок кавлитет, повторно ќе се земе за мизерни цени од 180 денари, цена која што ни ја претставува ДЗИ како показател од МЗШВ. Меѓутоа, реакциите од терен покажуваат дека таа цена е фингирана и дека таа се движи околу 160 денари“, – посочува Игор Мирчески, координатор на четирите новоформирани тутунски здруженија.

   Инаку, од почетокот на откупот, а кој започна на 15-ти декември, досега се откупени 7,5 илјади тони тутун, при што МЗ тврди дека просечната откупна цена е 188 денари, а додека тутунарите велат дека е 160 денари и е далеку од онаа цена од 230 ден., која барем приближно би им ги покрила трошоците. Годинашниот род, кој е доста квалитетен, тутунарите велат дека ќе тежи под 20 милиони килограми, наспроти тврдењата на државата дека ќе изнесува 22 милиони килограми тутун.

 Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста