Пеколните температури се најтешки за градежните работници, колку се почитуваат препораките?

Пеколните температури се најтешки за градежните работници, колку се почитуваат препораките?

Најтешко им е на градежните работници кои со алати и  градежна механизација и на овие температури мора да работат на вжештениот асфалт. Алфа направи обиколка на неколку градилишта во Штип. На едно од нив точно напладне работниците завршија, а на другото продолжија да работат. Праксата покажува дека во оваа гранка најмногу се кршат работничките права. Од Гласен текстилец повикаа на засилени инспекциски контроли.

  „Инспекторатот да си биде на терен за да немаме работа на отворено на овие пеколни температури. Ова особено се однесува за работниците коишто работат на отворено, односно на автопатишта и градежни објекти. Тоа се работници коишто во текот на целата година се со најголем број на случаи смрт на работно место , со најголем број на повреди на работно место и луѓе кои се неосигурани„ изјави Кристина Ампева, од  штипското здружение Гласен текстилец.

Минатиот месец до Гласен текстилец, пристигнале петнаесетина претставки. Најбројни кои се жалеле на лошите услови во кои работат биле текстилните и градежните работници. Во некој конфекции се штедело, па поради тоа климите ретко се вклучувале. 

“Имаме пријави дека им се слошило на работници и реагирала медицинска помош. Не зборуваме само за Штип. Минатиот топлотен бран имавме во Кочани пример, една фирма во која се сметало дека воопшто не треба да ги пуштат климите. Имавме неколку реакции„ рече Кристина Ампева, од штипското здружение Гласен текстилец.

Освен за работните места, неколку поплаки имало и за автобуси со кои се превезуваат работниците. Клими ретко се пуштале и покрај тоа што патуваат во најжешкиот дел од денот.

Александра Ристеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста