Пеколните температури го зголемија бројот на пожари, но и на појавата на влекачи

Пеколните температури го зголемија бројот на пожари, но и на појавата на влекачи

Само во последниве 15-тина дена, прилепските пожарникари интервенирале на преку педестина пожари, што е за близу 40 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Пеколните температури, а особено несовесноста на луѓето се најчестите причини, велат од прилепската ТППЕ, која инаку, опслужува најголема територија во земјава, односно општините Прилеп и Долнени, со недоволен број на пожарникари и со застарен возен парк.

  „Се палат разни стрништа, се пали ѓубре, се палат треви. Земјоделците чистејќи ги своите посеви, им бега контролата на огновите, а знаеме дека пожарите на отворен простор се непредвидливи. Ние се спаравуваме со тие пожари на отворен простор со 34 професионални пожарникари, 8 пожарникари ангажирани преку општина Прилеп и очекувајќи го наредниот период на сезонски пожарникари како и секоја година да ја покриваме таа бројка која треба да биде околу 60-тина пожарникари“, – вели Христијан Момироски, командир на ТППЕ Прилеп.

   Годинава, освен заради порано пристигнатите пеколни температури, прилепските пожарникари имаат зголемен број на интервенции и заради зголемениот број на влекачи кои се’ почесто се појавуваат во куќите и дворовите на граѓаните, иако, справувањето со ваквите случаи не е обврска на ТППЕ за што, како што велат, не се ниту обучени, ниту пак имаат соодветна опрема за такви интервенции.

   „Пред извесен период беше извлечен влекач од гнездо од ластовички, каде за жал, ги изел сите ластовички и беше во опасност домот и луѓето беа загрижени. Побараа помош и во координација со службите од „Комуналец“, успеавме да извлечеме и една поука дека во иднина треба да се формира и една таква служба за да можат граѓаните да се чувствуваат поезбедни во нивните домови. Влекачот е однесен во мариовскиот предел, заради тоа што ни беше кажано дека тие влекачи не смеат да се убиваат“ – објаснува Момироски.

  Од ТППЕ апелираат на особена внимателност при ракувањето со оган во престојниот период, особено на отворен простор, бидејќи, како што велат – „огнот е добар слуга, но лош господар“, особено во услови на полските и шумските пожари.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )