Пеколни температури, докторите предупредуваат граѓаните да се заштитат максимално

Топлотен бран, со пеколни температури до 40 степени Целзиусови најавуваат метеоролозите за во наредните неколку денови. Македонија периодов влегува во портокаловата предупредувачка фаза. Здравствените работници, кои веќе се на работ на издржливост поради корона кризата, апелираат до граѓаните максимално да се заштитат со цел да ги избегнат последиците како што се топлотен удар, сончаница или дигестивни проблеми. Стравуваат дека овие симптоми може да се помешаат со симптомите на корона вирусот и да се создаде хаос во здравствениот систем. Од итната медицинска помош велат дека зголемениот број на интервенции поради овој проблем, е карактеристичен за жешкото време.

Медицинските лица советуваат да се внимава на внесувањето течности и полесна храна. Според нив многу е важно на кој начин храната ќе се транспортира до дома и како ќе се чува, да не дојде до труење, доколку храната се расипе.
Граѓаните пак, велат дека колку што е можно избегнуваат да излегуваат надвор, посебно кога е најжешко. На дел од нив, носењето заштитна маска им претставува дополнителен проблем.

Од службата за брза помош велат дека граѓаните треба да бидат многу внимателни и максимално да се заштитат, како од пандемијата со Ковид 19, така и од пеколните температури, затоа што поради преоптовареноста на службата може помошта да доцни.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста