Пазарџиите му дојдоа пред двор на Богдановиќ, им вети дека ќе ги примел следната недела

Протестот на пазарџиите од Зелен пазар ќе биде ставен во мирување до понеделник, кога ќе се сретнат со градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ. Тие денеска добиле ветување дека ќе разговараат за проблемот и се надеваат на позитивно решение.

Во знак на револт тие му дојдоа пред двор на градоначалникот, зашто биле навредени од првиот човек на Центар оти ги нарекол диви, иако како што велат тие редовно плаќале придонеси кон државата.

– Како може да сме диви, плаќаме УЈП, тезги, трошоци, стварно ова нема смисла, се жалат пазарџиите.

Градоначалникот пак се правда. Обвинува за злоупотреба на паркингот. Тој на пазарџиите на излегување им кажа дека има простор за преговори, и најави средба со нив во понеделник во 16 часот.

– Ќе се сретнеме со пазарџиите во понеделник во 16 часот и ќе разговараме. Ова е само една од злоупотребите кои ги вршат пазарџиите. ЈП ПОЦ и Општина Центар ќе воведат ред на ова паркиралиште и на жителите ќе им овозможат услови за похумано живеење, рече градоначалникот на Општина центар Саша Богдановиќ, по неколкудневното протестирање и блокирање на центарот од страна на пазарџиите.

Претходно, пазарџиите се пожалија и на зголемените месечните карти за паркингот, и тоа двојно, па така, наместо 800 денари, сега плаќаат по 1.500 денари. Сега останува да видиме кој ќе биде епилогот состанокот и дали пазарџиите ќе се повлечат, или пак ќе ги радикализираат протестите.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста