Пазарџии: Коњите во штала имаат подобри услови од нас, работата ни е драстично опадната

Коњите во штала имаат подобри услови за живеење, отколку нашите за работа, гневни реагираат пазарџиите од „Зелен пазар“ во Скопје. Тие го кренаа гласот поради влошените услови, кои им тлеат со години. Револтирани се од новиот ценовник на „Скопски пазар“ со кој велат драстично им се покачиле цените за закуп на тезга, но и менаџментот се изживувал со нив.

– Се прават притисоци и на пример не може директор на пазар или шеф, како и баждарџија да глуми шериф. Тоа е неподносливо, затоа што сме поминале се и сешто и од сите фази, но тоа не е важно, важно е тоа што тие си го чуваат своето работно место, а ние како да го сочуваме ако одиме во банкрот, вели Бранислав Бакарџиев.

Во знак на револт само дел од нив излегоа на протест, а останатите биле приморани да работат за да не останат без неа, па така тезгите не останаа празни преку целиот ден како што најавуваа. Оние похрабрите денеска решија да проговорат. Велат дека имаат многу притисоци и закани, дека ќе ги снашло најлошото ако проговорат.

– Откако беше најавен протестот, се вршеа различни притисоци на тезгаџиите да не излезат, дури и ние денеска што се собравме, им беше дадена наредба на реонските баждарџии да не фотографираат да видат кои сме излезени надвор, вели Маја Стојановска Дашковска, закупец на тезга на „Зелениот пазар.“

Таа додава дека се соочуваат со големи неправилности во однос на работењето на Скопски пазар, затоа што прво тие се оштетени поради тоа што во минатото биле наплаќани цени на тезгите од 100 денари дневен баждар, а раководството потенцира дека се наплаќани 150 денари со што се избегнува паушалното оданочување.

А за скандалот да биде уште поголем, од „Скопски пазар“ сега им го наплаќал и паркингот околу пазарот, но и тоалетот, па така трошоците наместо да им се намалуваат им растат.

По поплаките од пазарџиите, од Скопски пазар преку писмени соопштение велат дека нема да го менуваат ценовникот, а зголемена била само цената на дневниот закуп на тезга.

Од таму велат дека ценовниците предвидуваат поскапување и ако досега било наплаќано за тезга 50 или 100 денари, сега се пристапува кон наплаќање на дневен закуп од 250 денари. Цената за дневен закуп на тезга е зголемена, а исто така неисплатлив бил и месечниот закуп од 2.500 до 7.000 денари.

Пазарџиите од „Зелен пазар“ велат ако не се смени нешто во однос на нивните барања, ќе им се придружат и колегите од другите пазари.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста