Пазар со лекови на социјалните мрежи, „Ремдесивир“ и „Фавира“ се препродаваат на Фејсбук

Пазар на лекови на социјалните мрежи.

„Ве молам дали некој поседува вишок количина од Ремдесивир? Итно е потребен!“
„Некој во групава кажа дека има вишок Ремдесивир, дали се уште го има? Итно е потребен за човек хоспитализиран во 8 Септември!!“

Статуси со ваква содржина речиси секојдневно се споделуваат на интернет. Пациенти заразени со Ковид 19 и нивни блиски роднини во паника молат за помош како да набават одреден лек кој не е достапен на пазарот. Преку илегални канали во странство се набавуваат лекови за кои се верува дека помагаат во борбата против ковид 19. Сумите се солени, а она што ќе остане се препродава во обид или да се помогне или да се поврати дел од вложените пари.

„Бев во лоша состојба од ковидот, хоспитализиран на Клиника 10 дена. Ми го препорачаа лекот Ремдесивир, го купив од Косово и воопшто не е евтин. По примени шест ампули веќе се чувствувам подобро. Ми останаа четири ампули ако сака некој да ги купи, бидејќи планирам да ги вратам кај лицето од кој се купени во Косово. Контактирајте ме ако има заинтересирани“, пишува граѓанин заразен со Ковид 19 на Фејсбук.

Но надлежните алармираат – лековите „Ремдесивир“ и „Фавипиравир“ не се докажани во лекувањето на Ковид 19. Министерот за здравство Венко Филипче апелира лековите да се земаат во консултација и по препорака на матичните доктори.

„Ниту едниот ниту другиот не се докажани лекови дека помагаат специфично за оваа болест. Ова се лекови кои се докажани дека помагаат за некои други болести, така да не можеме да препишеме лекови кои не помагаат за конкретна дијагноза“, вели Филипче.

Дека социјалните мрежи станаа платформа за споделување на терапии за лекување и превенција од Ковид 19 согласни се и доктори од Клиниката за токсикологија. Доктор Андон Чибишев алармира оти употребата на лекови и витамини на своја рака може да заврши фатално или со трајни последици по здравјето на граѓаните.

„Д витаминот кој исто така се препорачува во некои енормни дози, може многу сериозни проблеми здравствени да предизика затоа што тој учествува во многу метаболни процеси и ја регулира или ја поттикнува работата не некои витални органи во организмот и некои жлезди со внатрешно лачење. Многу внимателно, апелирам да не се земаат на своја рака без консултација со стручни лица“, вели доктор Чибишев.

Минатата недела Агенцијата за лекови ја одобри употребата на лекот Фавипиравир во Македонија, но епидемиолозите утврдија дека тој ќе може да се користи само за време на болничко лекување и под надзор на специјалистите. И матичните појаснија дека немаат добиено насоки да го препишуваат овој анти вирулен лек на пациентите.

Сепак „Фавира“ се најде во фиоките кај дел од аптеките. Сумите по кои може да се купи се движат од 4300 до 5100 денари.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста