Павловска: Висококатници наспроти ГТЦ е бизнис проект за вулгарен профит

Молк од градските власти за тоа колку и какви згради ќе се градат на паркингот наспроти Градскиот трговски центар. Планот да никнат висококатници во срцето на Скопје ја разгневи јавноста но и дел од стручната фела. Поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти, Даница Павловска предупредува дека целта на овој бизнис – проект е вулгарен профит на сметка на јавниот интерес  и додава дека ситуацијата е крајно ургентна.

Локалната самоуправа не остана конзистентна на ставот дека деталните урбанистички планови кои што не се квалитетни и не кореспондираат со генералниот урбанистички план не треба да се спроведуваат. Она за што се залагам, тоа е нов урбанистички план за тој простор – вели архитектот Даница Павловска.

Дополнително загрижува, коментира Павловска, фактот, што плановите најчесто се спроведуваат без јавни расправи, без консултација со архитекти, урбанисти, планери. Решение за конкретниот проблем според неа, би било, да одлучат граѓаните, дали повеќе сакаат зеленило или бетон.

Сосема природно и логично е граѓаните да бидат консултирани за еден таков простор каков што е паркингот спроти Холидеј ин затоа што тоа е од есенцијално значење, и затоа што градот доби нови димензии како намалено зеленило и пренаселеност, сето тоа мотивира граѓаните да побараат нивниот глас да се слушне нивниот глас, дали преку протест, преку петиција или преку инструментот што го нуди нашиот систем а тоа е референдум – вели Павловска.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи циркулира петиција против изградба на објектите. „Планот не предвидува доволно зелена површина, согласно Законот за урбано зеленило, несоодветно е решено движењето на пешаците и не се знае како ќе се обезбеди заштита на кејот на реката Вардар односно отвореноста на реката кон просторот“ стои во петицијата.

И антикорупционерите против оваа идеја. Проблемот според нив лежи уште во укинувањето на мораториумот од страна на Уставниот суд пред две години и предупредуваат на законска корупција. Откако инвеститорите го платија предвидениот износ за комуналии на Општина Центар и Град Скопје, само добивање градежна дозвола ги дели од нивната цел.

Неофицијално, во среда ќе биде презентиран идејниот проект, што точно ќе се гради наспроти Холидеј ин.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста