Пастрмајлијада: Штип се подготвува за бурен викенд, со добра музика и евтина храна

Пастрмајлијада: Штип се подготвува за бурен викенд, со добра музика и евтина храна

Викендов сите патишта ќе водат кон Штип, а сладокусците освен со добра музика, ќе може да се насладуваат и со далеку познатата штипска пастрамајлија.  Сите триесетина штандови на кои  ќе се служи се веќе резервирани, а утврдени се и стандардите и цената на гурманскиот специјалитет.

„Цената на пастрамајлијата ќе изнесува 200 денари и составот ќе биде 200 грама месо со 250 грама тесто. Вие сте репрезенти на нашиот бренд на пастрамајлијата. Општината и градоначалникот одлучија оваа година штандовите да бидат бесплатни“, изјави Александар Арсовски, организатор на манифестацијата.

Се очекува масовна посетеност со гости од земјата и странство, а ѕвезда на овогодинешното издание е Петар Грашо. Традиционално ќе се подготвува џиновска пастрамајлија, а ќе има натпревар во брзо јадење на вкусниот штипски специјалитет. Годинава „Пастрамалијадата“ добива нова локација. Ќе се одржува на шеталиштето на улица Ванчо Прќе кое е во финална фаза и чини околу 200.000 евра.

„Очекувам веќе во наредните денови да се заврши поплочувањето и да се оспособи самата улица. Овде ќе се постават штандовите и угостителите ќе може да ги продаваат своите пастрамајлии“, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Денеска и од штипската дирекција на Управата за јавни приходи ги повикаа угостителите кои ќе имат свој штандови да си обезбедат фискални каси, додека пак физичките лица, продавачи на пуканки и други производи имаат обврска до УЈП да достават барање за паушално плаќање на данокот на личен доход. На терен ќе бидат инспекциските служби, а парични казни ќе има за сите кои нема да го почитуваат Законот.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста