Партиски натегања за и против поништување на лустрацијата

Колку во сала толку во ходниците.Вака изгледаше дебатата за предлог-законот за поништување на лустрацијата.Власта не успеа да обезбеди мнозинство во собраниската комисија за расправата и официјално да почне. ВМРО-ДПМНЕ ја повика министерката за правда Дескоска да го образложи законот, а пратениците од ДУИ и ДПТ не присуствуваа. СДСМ обвинува за опструкции и повика на координација на повисоко ниво.

“Исправувањето на историската неправда направена кон истакнати општественици е наша заедничка должност и обврска која што мора да ја реализираме затоа што правдата и праведноста се основните начела и на демократијата и на основното човеково живеење. Процесот на направената неправедна лустрација мора да продолжи”, рече Александар Кирацоски претседател на Комисијата за поитички систем

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите средства кои им стојат на располагање за да не се донесе законот. Вклучително и голем број амандмани. Илија Димовски праша кој бил жртва. Тие што овозможувале физичка ликвидација или оние кои што биле ликвидирани. Потсети на 75-годишнината од ликвидацијата без судска пресуда на 53 велешани.

“Македонија треба да одлучи дали ќе оди по патеката на евроинтеграции, дали ќе гради демократски систем по примерот на сите земји од Централна и Источна Европа или се уште ќе живее во времето кога со политички нарачки се воделе судски процеси. Ние ги разбираме социјалдемократите, тие и денеска го прават истото со политички нарачки. Министри ги правеа списоците кои лица политички неистомисленици треба да одговараат пред СЈО и пред судството, министри од СДСМ и денеска ги координираат судските постапки”, изјави Димовски.

И спикерот Талата Џафери потсети дека тој гласал за законот за лустрација.

Со предлог-законот одлуките на Комисијата за лустрација за прочистување на соработниците на тајните служби се сметаат за ништовни. Оштетените ќе можат да тужат. Доколку тоа го сторат во рок од 60 дена од влегувањето во сила на законот ќе добијат надомест на штета.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста