Партиите остануваат на своите позиции, нема најава за нова лидерска средба

ДИК бара дополнителни информации од Комисијата за заразни болести во врска со протоколите за избори. На највисокиот изборен орган му се неопходни детали за заштитните материјали за спроведување на гласањето.

Техничкиот премиер Спасовски пак на Фејсбук објави дека стигнале одговори од сите три институции – комисијата за заразни болести, државната изборна комисија и обсе/одихр, од каде што информирале дека очекуваат датум за избори и врз основа на тоа да започнат подготовки за целиот процес. Сепак конкретни детали околу датумот, Спасовски не наведува.

“Комисијата за заразни болести даде извештај, стручно мислење, протокол за тоа како и на кој начин може да се одржуваат изборите, какви би биле тенденциите во однос на развојот на болеста. Државната изборна комисија информираше за роковите коишто се потребни за спроведување на изборните дејствија. Во писмото од ОБСЕ/ОДИХР нè информираат дека очекуваат датум за избори и на основа на датумот да ги започнат сите подготовки за испраќањето на мисијата за набљудување на изборите”, вели Спасовски.

Во меѓувреме партиите и натаму стојат на своите позиции и нема најава за нова лидерска средба. СДСМ бара избори на 21 јуни. Заев вчера најави дека е спремен за компромис, но доколку не се постигне ќе инсистира на датумот кој го преферира неговата партија. Социјалдемократите сметаат дека изборните дејствија треба да продолжат по вонредната состојба. Мицкоски пак не се согласувва. Вели дека изборите треба да се одржат кога пандемијата ќе стивне и нема да има опасност по здравјето на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ги предлага 23 и 30 август и 13 септември. Побараа нов датум за избори и од Талат Џафери бидејќи изминал 60 дена предвидени во уставот по распуштањето на парламентот.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста