Партиите ги кројат кандидатските листи, кој ќе добие шанса за пратенички мандат?!

Носителите на кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат познати до 5 март. Пет дена подоцна, до десетти март најголемата опозициска партија и коалициските партнери ќе ги објават и другите кандидати кои ќе атакуваат на пратеничко место во шесте изборни единици.

“Најголем дел луѓе за првпат би се нашле на листи, но ќе има и такви чие што искуство е потребно во рамките на пристојно функцонирање во Парламентот. И покрај сите предизвици како злоупотреби во Буџетот, вештачки вработувања и натрупувања во државната администрација, се уште замрзнатиот имот на партијата, неисплатеното со закон загарантирано финансирање на политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ е убеден во мудроста на граѓаните и во огромна победа на 12 април”, изјави Мицкоски.

И во СДСМ е започната процедурата за предлагање кандидати за пратеници. Носителите на листите треба да бидат познати по Конгресот на партијата, на 12 март.

“СДСМ остава простор на базата да предлага кандидати. Имињата на носителите верувам дека ќе бидат познати во време на одржување на конгресот од 8 до 12 Март”, изјави Костадинов од СДСМ.

Во меѓувреме и кај ВМРО-ДПМНЕ и кај СДСМ се шпекулира со имиња на оние кои ќе ги предводат листите. Професорката Силјановска се споменува како носител на ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица.

Додека за втората можен адут е потпретседателот Владо Мисајловски. Никола Димитров или Мила Царовска би и се спротивставиле на Силјановска, а Оливер Спасовски на Мисајловски.

Можен е дуел на двајцата генерални секретари Николовски и Јанушев во тројката. Меѓу носителите на изборни единици кај ВМРО-ДПМНЕ се споменуваат и Александар Николоски и Антонио Милошоски, Рашела Мизрахи. Кај СДСМ се шпекулира со Шекеринска и Мухамед Заекири.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста