Пановски апелира за онлајн настава во училиштата пред зимскиот распуст

Две недели принуден распуст, односно онлајн настава за учениците пред новогодишните празници, предлага микробиологот Никола Пановски со цел да се превенира евентуално влошување на епидемиолошката состојба и ширење на новата омикрон мутација.

„Јас би преземал мерки, еве сега на две нели од католички Божиќ, православен, распуст на децата и да се редуцира и јавниот превоз, затоа што нема да одат учениците во школо, ќе бидат онлајн две недели. Нема тоа да биде распуст, во некои земји две недели ги пуштаат. За овој период кога се тие слави, да се ублажи сегашниот сој или тој што ќе дојде“, рече неодамна професорот Никола Пановски во изјава за Алфа ТВ.

Лекарите пак апелираат да се засили имунизацијата против Ковид 19 како штит против новиот сој. Специјалистот Злате Мехмедовиќ смета дека третата бустер доза ја зајакнува отпорноста кон Омикрон, но вели оти уште е рано да се размислува и за четврта доза од вакцината.

На сличен став е и епидемиологот Драган Даниловски, кој има пооптимистички прогнози оти од пролет короната ќе циркулира само како обичен сезонски вирус.

„Штитот ќе ни биде дотолку поцврст, колку што повеќе граѓани примат трета доза. Тука мислам на постарите и хронично болните. Помладите од 50 години, ако немаат хронични болести, нема потреба да се ревакцинираат“, смета доктор Даниловски.

Во меѓувреме, првиот случај на Омикрон беше регистриран и во Словенија, а западните земји со заштитни мерки се штитат од засега непознатата мутација. Соседна Грција им забрани влез на затворено на сите возрасни граѓани над 60 години кои немаат примено трета доза вакцина, а мерката важи и за туристите.

Кај нас, и понатаму на сила е мерката за задолжителни две дози вакцина за влез во трговски или угостителски објекти. Она што загрижува е оти надлежните од Министерството за здравство и од Комисијата за заразни болести како да пропаднаа в земја, па со недели јавноста нема слушнато дали и каква стратегија се „готви“ за заштита од новиот досега најзаразен омокрон сој.

Биљана Божиновска

Advertisements