Пандов од Ваташа:Кој и да победи на изборите во Бугарија,треба да дојде и да се извини за злоделата-тоа е Европа!

Преполните дамари на македонскиот народ со болна крвописна историја, за само неколку месеци, по втор пат не’ однесоа пред паметникот на 12-те ваташки скоевци, кои во виорот на НОВ биле жртви на бугарскиот злосторнички фашизам. И по 78 години од овој невиден крвав масакар, болката и сеќавањата за насилнички одземените животи на овие млади и тогаш се уште голобради момчиња, не се избришани.

„Мојот чичко Ристо Ѓондев имал 17 години кога е стрелан и тоа предизвикува гнев кај нас, како фамилија. Она што ни пречи е негирањето на злосторството од бугарскиот окупатор и искривувањето на историјата, пред се…Тоа никогаш не можеме да го заборавиме ние, затоа што тоа биле младинци, исто така ние како фамилија имаме и тетка Марија – Маца Овчарова, која била жива закопана, така што злоделата на бугарскиот окупатор многу добро ги знаеме“,– ни рече Анѓел Ѓорѓиев, внук на стрелан младинец.

„Секој пат, тие едни измешани чувства на тага, на бес, на немоќ, се се’ поголеми и поголеми…Нека дојдат тие што сакаат да ги прикажат бугарските фашисти како администратори, дека дошле тука да ни бидат браќа, нека дојдат тука, нека ни го кажат тоа во Ваташа, нека му го кажат тоа на роднините на децата…па и ние ваташани да им кажеме како се чувствуваме, како сме ги чувствувале бугарските фашисти, дали како фашистi кои што направиле толку многу зла…“ – вознемирено ни раскажа Диме Коцевски од Ваташа.

Почит, цвеќиња и длабок наклон за крвнички убиените 12 ваташки младинци, денеска оддадоа и од Патриотскиот институт „Гоце Делчев“. Под мотото – „Да не се заборави, за да не се повтори“, тие побараа извинувањe од извршителите на овој фашистички злостор.

Ние како христијани простуваме, меѓутоа не само што не забораваме, туку и ги покануваме, нашите, во наводници „браќа“ како што ни се претставуваат и добри соседи, во тој европски дух со кој што им е полна устата…да дојдат заедно со нивната министерка за надворешни работи, во тој европски и добрососедски дух, да се поколонат и да се извинат на семејствата на убиените деца, на македонскиот народ, на македонската држава, така ние ќе почнеме да веруваме дека тие имаат некакви добри намери кон Македонија“, – рече Александар Пандов од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ.  

На Споменикот во Месноста „Моклиште“, освен датумот на стрелањето,16 јуни 1943 година и имињата на стреланите, стои запишана и следната максима: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. Но, нема никаков друг податок за тоа кои биле извршителите.

Инаку, овој Споменик е подигнат уште во далечната 1961 година.

Каролина Дурло

                                                                                               

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста