Пандемијата засилува, се активира и мобилната болница, позитивен уште еден пратеник во Парламентот

Црни бројки на заразени со корона вирус, медицинскиот персонал преморен го напушта државното здравство. Ситуацијата во земјава е драматична – и како никој да не може да го спречи овој корона – хаос. Дали новите рестриктивни мерки ќе покажат некаков резултат за сега непознато – повторно срушивме рекорд од 393 заразени за само 24 часа.

Капацитетите во Ковид – центрите се целосно пополнети. Поради порастот на заразени, расте бројот и на хоспитализирани пациенти. Вчера во ГОБ 8 септември и во болниците во  Струмица, Велес и Куманово немаше слободни кревети, а денеска, нема ни на Инфективната клиника.  Министерот за здравство Венко Филипче најави дека денеска ќе профункционира мобилната болница.

Корона вирусот влезе и во парламентот. По пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, денеска пратеникот на СДСМ Лазе Таневски објави дека се заразил од корона. Ова го комплицира работењето на парламентот кој треба да ги гласа новите мерки кои Владата ќе ги носи на онлајн седница во вторник…Филипче апелира и седниците на парламентот да бидат онлајн, но за такво нешто е потребно да се менува декловникот. Вчера и спикерот Џафери кажа дека нема услови за такво нешто.

За целиот хаос во здравствениот систем, од ВМРО – ДПМНЕ побараа одговорност од министерот за здравство.  „Колку побрзо оставка од Филипче, толку повеќе спасени животи во Македонија“ – велат од најголемата опозициска партија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста