Тактизира ли власта со враќањето на полицискиот час додека бројот на заболени во земјава алармантно расте? Откако целосно се укинаа рестриктивните мерки за движење, што според стручната фела беше избрзана реакција, сега во Комисијата за заразни болести повторно се разгледувала можноста за карантин. Но, одлуката ќе се носи дури во четврток.

„Точно знаеме и деенеска за кои контакти станува збор, кои се кој е заболениот врз основа на тие контакти и претпоставка какви анализи на контактите на тие што денеска евентуално би излегле позитивни ќе се прават во текот на утрешниот ден. Имајќи го сето тоа во предвид во овој момент рестрикции во движењето не би било никаков дополнителен бенефит“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Честите промени во одлуките на Комисијата предизвикаа реакции кај стручната фела. Докторот по општа медицина Ненад Лазаров, вели оти Комисијата мора да се трансформира. Наместо директори на јавни институции, во неа мора да членуваат експерти епидемиолози, а одлуките кои ги носат да бидат во интерес на здравјето на граѓаните, а не во интерес на политиката.

„Јас бви вратил професори во пензија и веднаш би ставил во таа комисија. Имамје таму искусен кадар кои што работат епидемии слични на оваа коишто не членуваат. Не ми се допаѓа самодовербата на колегата Караџовски, бидејќи ова е пресериозно, бидејќи само денес имавме седум смртни случаи и насмевка на лице на здравствен работник во една ваква ситуација е недозволиво“, вели Лазаров.

Надлежните избрзаа и со враќањето на бесплатниот автобуски превоз за пензионерите. Го вратија во петокот, по три месеци пауза, но од денеска повторно го укинаа.

Биљана Божиновска