Бајден ја менува политиката кон Москва – се воведуваат санкции

Соединетите Држави воведоа санкции за повеќе руски ентитети и функционери. Ова сигнализира промена на политиката на Вашингтон во однос на Москва откако Џо Бајден стана претседател на земјата.

Овој камп кој се наоѓа на 100 километри од Москва е местото каде е затворен Алексеј Навални, опозициски лидер и критичар на Кремљ, кој преживеа обид за труење.

Администрацијата на Џо Бајден декласифицираше разузнавачки податоци кои укажуваат дека Москва го оркестрирала обидот за убиство.

Соединетите Држави воведоа санкции за 14 руски ентитети и за 7 високи руски функционери.

Проширување на санкциите кои произлегуваат од Актот за контрола и елиминирање на хемиски и биолошки оружја, нови извозни рестрикции за материјали кои можат да бидат употребени како биолошки и хемиски агенси и визни рестрикции, вели Џен Псаки, портпаролка на Белата куќа.

Белата куќа го повтори барањето за ослободување на опозицискиот лидер.

Американските санкции се координирани со Европската Унија и Обединетото Кралство, но не се директно насочени кон претседателот Владимир Путин ниту кон олигарсите кои се блиски до него.

Русија е огромна земја. Има многу начини да влијае на настани во многу делови од светот. Разбирам дека единственото нешто што можеше да го направи администрација на Бајден е само да испрати сигнали. Ова нема материјален ефект, вели Константин Сонин, Универзитет на Чикаго.

Белата куќа вели дека санкциите не се само симболични. Сепак, оттаму признаваат дека е важно да се одржат односи со Москва за многу теми вклучително и за иранскиот нуклеарен договор.

Има области за кои не се согласуваме, има области со значителни разлики. Исто така има области каде ќе работиме со Русите како и со повеќето глобални партнери кога треба да преземе чекори кои се од интерес на САД, вели Џен Псаки.

Минатиот месец претседателот Џо Бајден рече дека за разлика од неговиот претходник тој јасно му дал до знаење на Владимир Путин дека САД повеќе нема да ги толерираат руските агресивни чекори како мешање во изборите, кибернетски напади, но и труењето на опозицискиот лидер.

Сепак, аналитичарите велат дека политиката на Вашингтон кон Москва мора да остави простор за соработка онаму каде има заеднички интереси.

Ова вклучува контрола на вооружување, позитивна еколошка и економска агенда во Арктикот, до одредена мера климатските промени, како и неколку регионални арени каде двете земји имаат трупи, како Сирија. Има потреба за соработка со Русија во повеќе области. Мислам дека администрацијата на Бајден ќе се цели кон соработка но и ќе се обиде да ги обнови јасните линии за она што тие го сметаат за несоодветно меѓународно однесување, рече Цирус Њулин, Центар за стратешки и меѓународни студии.

Москва веќе најави дека ќе одговори на санкциите, но засега не се преземени конкретни чекори.

Навални беше хоспитализиран во август и префрлен на лекување во Германија. Таму беше утврдено дека бил изложен на нервен агенс. По неговото враќање во Русија беше уапсен и затворен на две и пол години поради прекршување на условна казна.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста