Пандемијата експлодира – 7 починати и 89 новозаболени од Ковид 19

Експлозија на новозаболени и починати од Ковид 19 во изминатите 24 часа. Седум смртни случаи и дури осумдесет и девет заразени – ова е црната бројка која што денеска ја објавија здравствените власти. И денешните бројки го потврдуваат стравувањето, дека Скопје со 35 и Штип со 27 заразени стануваат нови потенцијални жаришта. Додека Куманово по неколку дена едноцифрени бројки на заразени денеска има 12 нови случаи. Во Тетово се регистрирани седум нови случаи, во Кочани има четворица, додека по еден регистрираа Прилеп, Гостивар, Струмица и Свети Николе.Од починатите, најмладата жртва имала 44, а најстарата 83 години. Алармантните бројки не ги загрижуваат здравствените власти, напротив, министерот Филипче повторно тврди дека епидемијата била под контрола.
“Точно се знаат контактите и кластерите на над 70 % од контактите на овие семејства и кластерите во Чаир, Гази Баба, Сарај и Студеничани. Се работи за асимптоматски случаи и епидемијата е под контрола. Добар дел од пациентите се со лесни симптоми и остануваат дома. Здравствениот систем и со овој бран добро ќе се справи, имаме и капацитети и кадар“” – вели Венко Филипче, министер за здравство.
Филипче денеска немаше конкретен одговор на прашањето на Алфа за тоа – кој е планот за лоцирање на контактите со заразените,особено од кога се укина полицискиот час.
“Контактите се иднетификуваат врз основа на податоците врз анкетите. И тоа нема релација со ограничувањето на движење.Заради тоа што секој има обврска да даде вистински податоци, каде бил и со кого контактирал и колку интензивно и врз основа на тоа се оценува ризикот. “ – одговори Филипче.
Единственото што Филипче можеше да понуди за излез од ситуацијата со високите бројки е скринингот на сите контакти што ги даваат новодијагностицираните. Ризичен потег со оглед на тоа што не секогаш – заразените се подготвени да дадат целосни одговори.
Ања Василева