Палевски не е изнесен пред обвинител – уште се чека вештачењето на неговиот телефон
Вештачење на мобилните телефони е причина зошто Љупчо Палевски Палчо се уште не седнал на распит пред обвинител. Во електронските уреди што Палчо ги имал при апсењето во Турција, обвинителството бара докази што може да ги употреби во истрагата која се води против него како првоосомничен за двојното убиство.
- „Во тек е екстракција на податоци од електронски уреди кои беа одземени при неговото апсење во Турција, а доставени при екстрадицијата. Се преземаат и други дејствија“ велат од ОЈО.
Љупчо Палевски Палчо пред две недели беше изведен пред судијата на претходна постапка во Скопскиот кривичен суд, во однос на неговиот одреден притвор од 30 дена. Тој тогаш и пред судијата и на новинарските прашања негираше вина за двојното убиство, рече дека нема да се брани со молчење и има докази за неговата невиност. Но, не одговори каде бил на денот на убиството на Вања на 27 ноември, минатата година.
„Не бев во бество и не смеам да зборувам поради истрагата“, рече Палевски пред Кривичниот суд.
Палевски откако беше ескрадиран од Турција, заврши во самица во Истражниот затвор Скопје. Сместен во одделот за притвореници од висок безбедносен ризик. Сам е во четири ѕида и еден висок прозорец со решетки. Таму се и неговите осомничени помагачи но со нив нема контакт. Обвинителството за Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски поднесе обвинение и ги товари за помагање, грабнување и две убиства на свиреп начин. Обвинет е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој според истагата дал информации за движењето на неговата ќерка.
Постапката продолжува и против Стефан Димковски, кој е осомничен дека му помогнал на Палевски да избега – односно го возел од Србија до Турција. За него на сила се само, претходно определените, мерки на претпазливост, откако помина еден месец во истражниот затвор во Шутка.