Падни – стани на системот за пријавување за вакцинација

Падни – стани на системот за ковид вакцинација. Граѓаните нервозни, од утрово со часови се обидуваат да се конектираат на веб страницата и час поскоро да се пријават за анти ковид вакцина, но страната не функционира. Пораки, „Наскоро“, и „Почекајте 10 минути“ ги пречекаа нетрпеливите граѓани. И нашата екипа се обиде да се пријави за вакцинација. Иако на почетокот се чинеше дека обидот ќе биде успешен, сепак откако ги завршивме првите неколку чекори за внесување на личните податоци, системот падна.

Дека страната не функционира признаа и од Министерството за здравство. Оттаму велат дека во моментов се работело на последните технички прилагодувања.

И додека граѓаните мака мачат да се пријават за имунизација, Владата се пофали дека долго очекуваните вакцини од Србија утре ќе стигнеле на граница. Премиерот Зоран Заев пратката ќе ја примел лично од претседателот на Србија, Александар Вучиќ на граничниот премин Табановце. Осумте илјади вакцини на „Фајзер“, кои Србија и ги отстапи на Македонија, ќе бидат наменети за здравствените работници во ковид центрите.

Инаку, надлежните со месеци уверуваат дека вакцини во земјава ќе дојдат де во Јануари, де почеток на Февруари, но досега не стигна ниту една пратка. Ги нема ни донациите најавени од Грција и Бугарија, ниту пак вакцините нарачани преку Ковакс механизмот, кои најверојатно ќе стигнат последни, дури во март.
Македонија очекува и 5.800 дози директно од производителот „Фајзер“, но и за нив нема најава кога ќе стигнат во земјава. За сега нема датум ниту за 200.000 дози од кинескиот производител „Синофарм“.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста