Падна темпото на вакцинација – се развлекува ли имунизацијата до пристигнувањето на нови вакцини ?

Купуваат ли време здравствените власти за да не се забележи дупката бидејќи нема доволно  вакцини во Македонија? Од денеска двојно се намалени термините во вакциналните пунктови. Наместо  како што до сега се вакцинираа по 2.500 лица дневно, сега најмногу 1500 граѓани ќе можат да се имунизираат. Министерот Филипче се правда дека распоредот е развлечен заради тоа што сега се вакцинираат постарите граѓани  а за нив била потребна придружба па затоа целиот процес се одолговлекува.

Ова е план што го направивме за да означи почеток на процесот на имунузација и започнавме со некаде околу 700 до 800 термини во текот на денот, без салата Борис Трајковски, а сега во тие пунктови се одвива вакцинација со околу 1500 на ден. И тоа се пунктовите низ државата, се уште со можност  термините да се згуснат и бројот на вакцини да се зголеми. Тука во салата Борис Трајковски нешто помалку од вообичаените 2500 на ден, поради тоа што очекуваме постари лица исто како и во пунктовите, кои почесто доаѓаат со придружба итн“, рече министерот Венко Филипче.

И покрај тоа што Македонија има проблем со вакцини, сепак нема да нарачува вакцини од српскиот Институт „Торлак“, каде почна производството на вакцината „Спутник В“. Според Филипче немало потреба од нови нарачки, сме имале доволно.

„Торлак“ е единствената  фабрика од областа на фармацијата во регионот која има можност за стерилно производство на тие ампули во пакување како вакцините. Нема ниту една друга компанија која тоа може да го направи. Но, нас во овој момент не ни треба ниту една нарачка повеќе затоа што според планот како што е димензиониран и сите договори, ние имаме обезбедено 2,6 милиони вакцини, кажа Филипче.

Според најавите на министерот на 28 април во Македонија ќе пристигнат 200 илјади кинески вакцини. Тој сепак остави резерва од неколку дена во случај да имало некакви поместувања. Повтори дека на 19 и 26 април ќе стигнат по 10 илјади вакцини на Фајзер преку директниот договор , а преку КОВАКС се очекуваат 76 илјади дози на АстраЗенека при крајот на месецов.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста