Падна Мизрахи за таблата Република Македонија

Падна Мизрахи за таблата Република Македонија. Во раните утрински часови по долга и жестока дискусија во Собранието, мнозинството гласаше за разрешување на техничката министерка за труд и социјална политика предоложена од ВМРО-ДПМНЕ, која раководеше со министерството 44 дена.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски кој побара нејзино разрешување рече дека не го почитувала Уставот на државата, откако таа неколку пати излезе на прес-конференција во министерството пред табла со името „Република Македонија“.

На овој предлог, за разрешување на Рашела Мизрахи од функцијата министерка за труд и социјална политика во Владата на Република Северна Македонија, се одлучив заради серијата јавни настапи на кои таа грубо го прекрши Уставот на земјата и законите кои го уредуваат користењето на уставното име на нашата земја. Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи во техничката Влада на Северна Македонија не го коригираше ова свое однесување, и се доведе во ситуација против нејзиното неодговорно и несериозно однесување, да биде преземена мерката што ја предлагам – Собранието да ја разреши од функцијата министерка, рече Спасовски.

Мизрахи пред пратениците истакна дека никогаш не го прекршила Уставот. Рече дека уште невлезена во министерството за труд и социјала била мета на антисемитски напади, а тие што ги оркестрирале нападите го осудиле само со бледо соопштение. Сега како што рече хајката против неа кулминирала со евтина партиска претстава наречена таблата во министерството .

Почитувани пратеници не ја прашувајте Рашела Мизрахи, прашајте ја Мила каде е новата табла. Јас сум граѓанин на Република Македонија кој никогаш не го прекршил ниту Уставот ниту законите. А Република Македонија е таа затоа што за неа на деветнаесет години загина народниот херој Лиман Каба, Република Македонија е затоа што Бабисадо Хамезе за неа изгуби нога во втората светска војна, Република Македонија е затоа што мојата баба Ризова Трајанка и нејзината бригада „Добри Даскалов“ пет години крвареа. Поради Коста Солев Рацин, Македонија е поради Јордан Пиперката, Даме Груев и Карев. Република Македонија е затоа што нејзината иднина лежи на нејзината историја. А без историја нема иднина. Реалноста денес е дека парламентарното мнозинство ја заборави историјата, барајки иднина. Јас сум Рашела Мизрахи горда Еврејка од Македонија, кажа во својот говор во Собранието министерката Мизрахи.

Политичките препукувања продолжија и по разрешувањето. ВМРО-ДПМНЕ се убедени дека вистинската причина за разрешувањето е со цел да не се открие што се правела Царовска додека била министерка, а СДСМ уверуваат дека разрешувањето е последица на кршењето на Уставот.

Таблата беше само повод, а вистинската причина за разрешувањето е разобличувањето на незаконските активности на Царовска и неодговорното работење на министерството во време на истата, вели  Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Со разрешувањето на сега веќе поранешната министерка Рашела Мизрахи заштитен е Уставот, правната држава, интересите на граѓаните, на стечајците, заштитена е интеграцијата во НАТО и европската перспектива на земјата, рече денеска на прес-конференција пратеничката од СДСМ, Јагода Шахпаска.

ВМРО-ДПМНЕ треба да донесе одлука дали ќе предложи нов министер за труд и социјална политика во техничката влада. Доколку нема предлог, до изборите со министерството ќе раководи дополнителната заменска министерка Санела Шкријељ.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста