Падна договор меѓу МОН и СОНК за раст на платите од 1 јануари, но не за 25%, туку за 10%

СОНК попушти – по три месеци маратонски преговори и најава за штрајк наместо 25% како што првично бараа, сега се согласија со само 10% зголемување на платите на просветните работници од 1 јануари 2020.

Преговорите завршија, договор има со цел да не трпи наставата и нема штрајк низ цела држава.

За министерот за образование ваквиот договор е историски, додека за СОНК е само едно исполнето барање, но не во целост, бидејќи во текот на овие преговори се отвориле многу нови прашања.

– До вчера до доцна сме работеле за разгледување на сите параметри и на сите податоци за обезбедување на неопходните средства за ова покачување, за ова историско покачување на платите во дејноста образованието. Најискрено мислам дека вака ќе придонесеме да го вратиме дигнитетот на вработените во дејноста образование, рече министерот за образование, Арбер Адеми.

– Моето убедување е дека огромниот дел, најголемиот дел од вработените во образованието ова го прифатија и ќе бидат задоволни, меѓутоа тоа задоволство не треба еуфорично да го прифаќаме и тоа задоволство треба да се манифестира во уште поголем притисок од нас како синдикат. Тоа што во моментов е десет проценти не значи дека и во иднина ќе остане на десет проценти. Тоа значи оние барања кои претходно ги изнесов за дополнителни придонеси секако ќе резултира со повисока плата од десет проценти, рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

За покачувањето на платите на просветните работници ќе бидат издвоени 1,4 милијарди денари од буџетот.

Инаку, СОНК и Владата досега одржаа три состаноци, на кои преговараа за раст на платите во образованието. Просветните работници порачаа дека нема да запреле тука, и ќе одат до крај, додека не го добијат она, што според нив, заслужено им следува.

Борис Грујоски