Пад на бројот на туристи – секторот бара итни и сериозни мерки

Слаба промоција, малку хотели од висока категорија, недоволни субвенции, особено за носење туристи од соседните држави – туристичките работници со бројни критики зошто туризмот во земјава тоне. По долги години раст, токму во мај, месецот кога почнуваат организираните тури на странски туристи забележан е пад на гостите за 4.8%. Туристичките работници тврдат дека Владата нема волја да стори нешто повеќе. Велат се е измислено, треба само да се „препишат“ успешните приказни од соседството. Лошата инфраструктура, малиот број патокази и отпадот долж патиштата се некои од причините зошто туристите не ги посетуваат локалитетите и зошто од 4 милиони патници кои само поминуваат низ Македонија, ретко кој се задржува овде подолго.

Земјава слабо се промовира во странство, а општините не соработуваат доволно со бизнисмените за да се изградат што повеќе сместувачки капацитети. Туристичките работници сметаат дека неопходна е стратегија, на кои локации да има градежни маркички за изградба на хотели. И покрај долгата традиција, лошата услуга останува главен проблем. Напредок има, но аналитичарите велат треба да се смени менталитетот.

Чести се измамите на туристичките агенции, при кои најоштетени се туристите кои ретко си ги враќаат парите назад. Оние што работат легално се жалат, овие луѓе ги користат законските дупки, и постојано затвораат и отвораат нови туристички агенции. Бараат за секој што ќе сака да работи да достави банкарска гаранција од 100 илјади евра до министерството за економија за туристите да не останат оштетени.

Дел од предлозите на туристистичките работници се изградба на конгресен центар во Скопје, посебно министерство за туризам што ќе се занимава детално со овој сектор и обнова на ски центрите во државава. Дел од проектите не се ниту разгледани, други останаа само на хартија. Македонија лани конечно ја надмина бројката од 1 милион туристи, што сепак е помалку од најдобрата 1987 година кога земјава ја посетиле 1.2 милиони туристи.

Тања Попова